Министерството за здравство, но и некои здравствени домови кои имаат Служба за итна медицинска помош, известија дека новите амбулантни возила веќе се во употреба, пренесува „Порталб“.

Се работи за шест амбулантни возила, дел од пакетот на 12 амбулантни возила за кои беше потпишан тендер во декември 2018 година, и кои требаше да бидат распределени во Кичево, Дебар, Струга, Крушево, Крива Паланка и Берово. Другите шест возила ги доби Здравствениот Дом Скопје.

„12-те нови возила кои Министерството за здравство ги купи за зајакнување на капацитетите на Итната помош, сега веќе се во функција на сите служби каде што беа распределени“, известија од Министерството за здравство.

Директорот на Здравствениот дом во Кичево, Џабир Бајрами за „Порталб“ потврди дека новото амбулантно возило е во употреба.

-Да, во употреба е. Има два дена како го регистриравме и почнавме да го користиме- вели Бајрами.

Потврда стасаа и од Општата болница со проширена дејност во Дебар.

„Да, го користиме возилото. Поминаа десет дена откако го  добивме возилото и веќе е во функција“, одговорија од болницата.

 

Кичево со амортизиран „рекордер“

Кичево имаше амбулантно возило со поминат над еден милион километри. Како што откри Бајрами, амортизираниот „рекордер“ ќе го користат и понатаму.

-Тоа возило е на сервис, очекувам набрзо да биде готово. Чекам да заврши сервисирањето и да го пуштиме возилото во употреба, да ни се најде, бидејќи само што почнавме со користење на новото, се плашам да не ни се расипе – вели Бајрами.

Податоците покажуваат дека во земјава има амбулантни возила постари од десет години, а експертите кои ги консултираше „Порталб“, кои порано се занимавале со сервисирање на возила за Итна помош, процениле дека критериум за менување и сервис на возилата треба да биде искористеноста на возилата и километражата. Беше побарано да има посебен правилник за сервис и менување на амбулантните возила, според кој едно возило не би смеело да се користи подолго од десет години.

 

Физибилити анализата никако да заврши

Физибилити анализата што треба да понуди решение за понатамошното функционирање на Службата за итна медицинска помош и која требаше да биде готова во јуни, уште не е изработена.

„Физибилити анализата за Итната медицинска помош е сè уште во обработка, и откако ќе се заврши, ќе биде претставена пред јавноста“, рекоа од Министерството за здравство.

Реализацијата на физибилити анализата за јавно-приватно партнерство предизвика бројни реакции во јавноста, бидејќи според лекарите, тоа може да доведе до приватизација на итната помош. Приватизацијата, велат тие, ќе ја уништи здравствената заштита.

Министерот за здравство, Венко Филипче извести дека во службата на Итна медицинска помош во периодов што следува ќе има нови вработувања, со цел да се отстрани уште еден горлив проблем, недостигот на професионален кадар.