Шест нови пациенти се позитивни на корона вирус, со што вкупната бројка на заболени се искачи на 19 лица, сосе првата пациентка која веќе е излечена, информира вечерва на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Како реакција на ваквите случувања владата воведува построги мерки за заштита на населението што вклучува затворање на гранични премини, забрана за работа на кафетерии, барови, спортски кладилници и ресторани (освен за достава), како и затворање на аеродромот во Охрид „Св. Апостол Павле“. Од копнените гранични премини ќе функционираат само Деве Баир, Ќафасан, Табановце, Богородица и Блаце.

Како што информираше Филипче, петмина од шесте нови заболени се од Дебар, додека една е патничка која долетала со авион од Барселона, Шпанија.

– Но, свесна за ситуацијата, бидејќи имала покачена телесна температура, во авионот носела заштитна маска и ракавици. Кога авионот слетал сама се јавила на пунктот, на излезот на аеродромот, по што е изолирана и однесена на Клиниката за инфективни болести, ин формираше Филипче.

Сепак, додаде тој, на сите 51 патник во авионот им е издадено решение за самоизолација.

Во моментов регистрирани заболени од вирусот во земјава има вкупно 18 пациенти, без првата пациентка која е излечена. Четворицата позитивни од вчера, денеска се донесени и хоспитализирани на Клиниката за инфективни болески во Скопје. Таму, во моментов има 13 пациенти, а петте новодијагностицирани, бидејќи имаат лесна клиничка слика, ќе се лечат во Дебар, информира министерот.

Филипче истакна дека Владата формира главен координативен штаб, во чиј состав се повеќе министри и директори на дирекции, со цел да има целосна координација на активностите.

– Повеќе институции сега се внесени за работа на терен за подрачјата каде се прогласи кризна состојба. Главниот штаб се состанува на дневна основа – рече тој.

Усвоени се следните нови мерки:

  • Се затвораат сите копнени гранични премини во државата, освен Деве Баир, Ќафасан, и Блаце кои остануваат отворени за премин.
  • Се затвора граничниот премин на аеродромот „Св. Апостол Павле“.
  • Освен од земјите со висок ризик, се забранува и влез на патници во земјава и од земјите со среден ризик, согласно листата на Светската здравствена организација. Ова нема да важи за лицата за кои МВР ќе даде дозвола за влез по мислење од главниот координативен штаб, по посебни услови.
  • Се затворат за посетители сите продавници во трговските центри во државата, освен супермаркетите и аптеките. Сите останати правни лица може да работат телефонски или онлајн, да вршат дистрибуција.
  • Се забранува целосно раотата на кафетерии, барови, спортски обложувалници.
  • Сите угостителски објекти кои прават храна, може да работат без потрошувачи, односно смеат алтернативно да продаваат храна и да вршат достава.

Министерот Филипче истакна уште еднаш дека со седење дома го зачуваме јавното здравје.

– Само така ќе ставиме конечна рампа на патот на ширењето на овој вирус. Ние сме во фаза како и многу други земји, кога не знаеме што можеме да очекуваме. Добро е што имаме само едно место на локална трансмисија, додаде министерот.

Тој информира и дека засега има доволно респиратори и дека нема простор за грижа. На Клиниката за инфективни болести има осум вакви репиратори, на Клиниката за неврохирургија има 20, а ваква опрема има и на другите клиники.

Факти за заболените од корона вирусот во Македонија:
  • Во земјава досега се регистрирани вкупно 19 случаи на заболени со корона вирус, од нив активно заболени во моментов се 18.
  • Првиот заболен пациент беше откриен на 26 февруари. Педесетгодишната пациентка се враќала од Италија каде што престојувала еден месец. Таа сега заздравува и ќе биде пуштена од болница.
  • На 6 март беа откриени уште два случаи кај сопружници од Дебар кои допатуваа од Италија во возило со други патници. Откако се покажа дека се позитивни на корона вирусот, луѓето со кои биле во контакт беа ставени во домашна изолација.
  • До сега од брачната двојка во Дебар се регистрирани најголемиот број на случај во земјава.
  • На 9 март беа регистрирани уште тројца позитивни случаи од Дебар кои се во семејна врска на заразените сопружници од Дебар.
  • Истиот ден (9 март) позитивна на тестот за корона вирусот беше и директорката на Клиниката за кожни болести. Директорката, која е исто така доктор по професија, била на патување во Италија и по враќањето одела на работа и држела предавање на симпозиум на колеги.
  • Поради тоа, 193 лица со кои таа била во контакт се во домашна изолација, и засега, според министерот за здравство Венко Филипче, нивната здравствена состојба е добра.
  • На 11 март беа регистрирани уште два позитивни случаи, соседи на заразените од Дебар кои веќе се хоспитализирани.
  • На 13 март, се регистрирани уште четири нови случаи поврзани со сопружниците од Дебар.
  • На 14 март се регистрирани шест нови случаи, петмина од нив од Дебар и една пациентка од Скопје која се вратила од Барселона, Шпанија. Таа во авионот носела маска и ракавици и сама се пријавила кај надлежните. Сите останати 51 патници во авионот потпишале изјави за самоизолација.