Шест лица загинаа и пет се повредени во синоќешната експлозија во рускиот рудник за јаглен Севернаја. Во несреќата загинаа петмина спасувачи и еден рудар, изјави портпаролот на Министерството за вонредни ситуации, јави ТАСС.

Техничкиот директор на компанијата „Воркутаугол“, која управува со рудникот, изјави дека техничкиот совет детално ја проценил ситуацијата во рудникот и оти смета дека таму повеќе нема преживеани.

На 25 февруари во рудникот во градот Воркут на рускиот Арктик, истече метан, кој предизвика две експлозии, уривања и пожар. Во тој момент под земја беа 111 лица. Евакуирани беа 81 рудар, четворица загинаа, а 26 останаа заробени.