Поплавени улици и тротоари, поплавени зелени површини, смет кој плива во вода. Ваква е сликата веќе шест дена во скопската населба Карпош 4 на улицата „Никола Парапунов“, каде што се случил дефект со водоводните цевки. Среде улица „извира“ вода со денови, а местото е заградено и обележано за да внимаваат возачите кога минуваат низ овој дел од улицата. За да ја спречат водата да се излева по улицата, поставена е голема железна плоча, но тоа не помага. Станува збор за довод на вода, односно вода за пиење.
Иако дефектот очигледно е голем, досега ниту една екипа од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ ниту излезе на терен за да го санира проблемот, ниту пак прати соопштение до јавноста кога планира да го стори тоа. Граѓаните стравуваат дека може да им се поплават гаражите кои се во близина.
„Деновиве дополнително и врнеше, па и тоа ни прави проблем. Срамота е толку долго да се чека да дојде некој да го поправи ова. Околните улици се исто така поплавени, Разловечко Востание и Вич“, вели за Мета.мк жител на општина Карпош.
Мета.мк за проблемот се обрати во „Водовод и канализација“ на повеќе наврати, но одговор не добивме ниту преку електронска пошта ниту преку телефон. Единствено на бројот за пријава на дефекти ни кажаа дека во моментов не се работи на санирање на овој дефект.
„Точно е да, има дефект на таа улица. Во план е да се поправи“, кажаа кратко оттаму без да прецизираат кога би започнала санацијата и за колку време би се решил проблемот.
Откако не добивме официјален одговор на прашањата од „Водовод и канализација“, истите ги испративме и во град Скопје. Но, и тие не одговорија.
Инаку, загубите на вода за пиење во скопскиот водоводен систем изнесуваат 60 проценти. Во овие загуби на вода е смета истечената вода од пукнати цевки и дотраеност на инфраструктурата, но и целото количество произведена а нефактурирана вода за пиење што се користи за полевање на јавни површини, фонтани и јавни тоалети во Скопје. Тука се пресметуваат, секако, и дивите приклучоци, но и грешките во водомерите и пресметувањето на податоците.
Молк од скопски „Водовод“ за загубите на вода за пиење кои достигнуваат 60 отсто