Лавина реакции во македонската јавност предизвика вчерашното едногласно усвојување на Законот за амнестија за собраниските настани од 27 април за кој 95 пратеници од власта и опозицијата гласаа „за“.

Главното прашање е дали политичарите со користењето на амнестијата како механизам го подриваат правниот систем во Македонија во зависност од моменталните политички интереси. Искуствата покажуваат дека во нашата земја често се посегнува по амнестијата.

Од 1991 година до вчера шест пати се усвојувани слични закони што значи дека за 27 години во просек на секои 4,5 години има амнестија.

Првиот закон за амнестија бил донесен во 1991 година, кога биле амнестирани затвореници и лица осудени со правосилни пресуди, но кои не отпочнале со издржување на затворските казни.

Втората амнестија е донесена во 1999 година, а се однесува на сторителите на кривични дела со кои била предизвикана верска, национална и расна омраза. Овој закон беше дел од политичкиот договор меѓу тогашните коалициски партнери во владата, ВМРО ДПМНЕ и ДПА, со кој биле ослободени градоначалниците на Тетово и на Гостивар, Ајладин Демири и Руфи Османи, како и учесниците во обидот за отворање на Универзитетот со наставана на албански јазик во Мала Речица.

Третиот закон за амнестија е усвоен во 2002 година, како дел од Охридскиот рамковен договор. Со него се ослободени од гонење и од затвор учесниците во конфликтот од 2001 година.

Во 2003 година е донесен четвртиот закон за амнестија, кој е ревидиран во 2004 година и ги опфатил граѓаните кои ја одбегнувале воената обврска и самоволно се оддалечиле од вооружените сили.

Собранието на 15 јануари, годинава по петти пат изгласа закон за амнестија со кој им се намалува затворската казна на осудениците. Со овој закон беа ослободени од издржување на затворска казна осудените лица на кои им е изречена казна до шест месеци. Оние што добиле над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30 отсто од целокупната казна. Амнестијата не се однесува на лицата осудени со правосилна пресуда за: доживотен затвор, за кривично дело убиство, за силување и педофилија, за тероризам и кривични дела против државата, за кривични дела против јавниот ред и мир, за кривични дела против човечноста и меѓународното право.

Пратениците вчера како дел од договорот за помирување меѓу власта и дел од опозицијата по шести пат усвоија закон за амнестија со кој се ослободуваат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година.

Одредбите не се однесуваат за лица осомничени, обвинети, правосилно осудени како и лица кои издржуваат казна затвор за настаните поврзани и во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година за кои постои основано сомнение дека учествувале во подготвување или организирање на настаните во Собранието на Република Македонија или се правосилно осудени, а кои до денот на влегување во сила на овој закон сториле кривично дело „Здружување заради непријателска дејност” од член 324 став 1 од Кривичниот законик, лица со прикриен идентитет кои употребиле физичка сила, лица кои сториле насилство, лица кои неовластено носеле оружје или распрскувачки материјали и лица кои постапиле спротивно на службените овластувања при вршење на кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста” од член 313 од 7 Кривичниот законик, кривичното дело „Убиство” од член 123 од Кривичниот законик, кривичното дело „Насилство” од член 386 од Кривичниот законик.