Фото: Министерство за одбрана

Високата делегација од сојузната држава на САД, Вермонт која ја предводи заменик гувернерката Моли Греј и командантот на Националната Гарда (НГ), генерал-мајор Грегори Најт, која престојува во тридневна официјална посета на Република Северна Македонија, денес престојуваше во Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата.

За време на посетата, делегацијата остварила средби со министерката за одбрана Радмила Шекеринска на која присуствувала и амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, додека генералот Најт имаше средба и со својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

„Оваа вежба беше прв тест за нас по членството во НАТО и по пандемијата, кој го положивме успешно. Високо го цениме сето она што го направивте за нас во изминатите над две децении пријателство и сојузништво. Тоа создаде основа да градиме мостови и во други области како што е економијата“, рече Шекеринска.

Министерката за одбрана нагласи дека соработката со Вермонт оставила силен печат врз кариерите на многу војници и офицери на Армијата. Заменик гувернерката Моли Креј посочи дека вратата на Вермонт за обуки и тренинзи на нашата Армија останува отворена.

На средбата станало збор за потребата од поголемо вклучување на жени во безбедносниот сектор, плановите за вклучување во меѓународни мировни мисии на нашата земја, како и за погодностите на Криволак како армиски полигон со високо развиени капацитети за вежби и обуки.

Генералите Ѓурчиновски и Најт, за време на средбата разговараа за партнерството и соработката која со нашето полноправно членство во НАТО ја покажа успешноста на оваа програма на соработка, која во голем дел е заслужна за достигнувањата на стандардите на НАТО од страна на нашите армиски припадници.

Меѓу останатото, генералите разговараа и за процесот на трансформација на Армијата на Република Северна Македонија, учествата во мировни мисии, обука и вежби како и за понатамошната планирана соработка.