Дваесет и осум од 29 земји-членки практично за девет месеци го ратификуваа Протоколот за членство на Македонија во НАТО, што претставува силна политичка порака, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која напомена дека сме буквално на чекор од полноправно членство во Алијансата, откако денеска ратификацијата на Протоколот заврши и во Франција.

Денеска сме буквално на чекор до полноправно членство во НАТО, откако Собранието на Франција го ратификуваше Протоколот за нашето пристапување во НАТО. Дебатата во Националното собрание на Франција изутринава во девет часот беше интересна. Ова покажува дека процесот на ратификација оди брзо и дека како држава имавме право и бевме амбициозни и покажавме дека ова членство го одработивме и  го заслужуваме. Останува процесот да заврши само во Шпанија. Ниту една земја-членка немаше ниту една дилема во однос на нашето членство во Алијансатаизјави Шекеринска.

Министерката додаде дека се очекува истата порака да се испрати од Самитот на НАТО во Лондон, како и третманот на нашата држава да биде де-факто членка на Алијансата.

Со денешната ратификација од страна на Франција, која е 28-ма од вкупно 29 земји членки на НАТО, преостанува ратификувањето уште од Шпанија каде поради неизвесноста околу формирањето на влада по неодамна одржаните избори, процесот на ратификација ќе заврши во следниот период.