Архивска фотографија | Фото: Влада на РСМ

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска најави дека поголем дел од македонските војници кои се дел од НАТО-мисијата во Авганистан ќе се вратат назад во земјава до јули.

„На претходниот состанок на министрите за одбрана на НАТО, земјите-членки дискутиравме за најдолгата НАТО-мисија, тоа е мисијата во Авганистан во која и ние како држава учествуваме веќе 20 години. Беше донесена со консензус одлука да ја завршиме таа мисија, како што сме влегле заедно во Авганистан во таа операција, како што заедно ја менувавме целта, природата на ангажманот така и заедно да заминеме“, изјави министерката Шекеринска.

Таа дополни дека поради безбедноста на сите трупи во Авганистан, договорено било дека оперативни детали за повлекувањето на сите војници од НАТО-мисијата во Авганистан нема да се објавуваат.

Американската влада кон средината на април годинава го најави комплетното повлекување на американските трупи од Авганистан, по што и европските НАТО сојузници се одлучија за донесување на идентична одлука.