fbpx

Шефот на турската дипломатија Чавушоглу се сретна со претседателот Иванов и со Груевски

-

Турскиот министер за надворешни работи,  Мевљут Чавушоглу, денеска се сретна со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, како и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„На средбата беше разговарано за понатамошното продлабочување на билатералните односи и за зголемување на соработката меѓу Република Македонија и Република Турција. Изразувајќи благодарност за цврстата и принципелна поддршка на Република Турција во однос на нашите стратешки цели, претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија високо ја вреднува поддршката од Турција за употребата на уставното имe на Република Македонија и за интеграцијата на земјата во НАТО“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот.

Иванов и Чавушоглу разговарале за состојбите во регионот, за прашањата од надворешно-политички интерес за двете земји и за потребата од поголема соработка меѓу безбедносните служби на Република Македонија и Република Турција. Македонскиот претседател ја истакнал потребата од размена на информации меѓу полициските служби и службите за разузнавање, преземање на заеднички акции, како и изнаоѓањето на ефективни средства и методи за превенција и борба против ширење на насилен екстремизам и тероризам.

Двајцата соговорници ја поздравиле економската соработка, со очекување за нејзино понатамошно интензивирање, како и плодната соработка на полето на одбраната. Претседателот Иванов се заблагодарил за логистичката поддршка за опремување, едукација и за обука на АРМ, како и за досегашната хуманитарна помош добиена од Република Турција, се дознава од соопштението од претседателскиот кабинет.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, заедно со Никола Тодоров, член на iзвршниот комитет на партијата, на средбата со турскиот министер за надворешни работи Чавушоглу разговарал за стратешките интереси на Република Македонија поврзани со евроатланските интеграции и актуелната политичка состојба, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, истакна дека Турција е важен пријател на Република Македонија и поддржувач во аспирациите за членство во НАТО. Тој истакна дека стратешки интерес на Република Македонија е зачленување во НАТО, како и членство во Европската Унија, како и тоа дека Македонија е предолго надвор од процесите и дека е потребен чекор кој ќе значи валоризирање и потврдување на сè што досега е постигнато на тој план. Груевски го повтори ставот дека на Македонија ѝ е потребен брз прием во НАТО, и доколку за тоа има чисто и недвосмислено прашање, ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи и реформите за ЕУ кои се од корист за сите и зад кои нема скриени агенди за партизација на институциите, за што веќе има тенденции од страна на владата на СДСМ“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски се заблагодарил за поддршката од Турција и нагласено зборувал за конструктивната и активна улога на турската заедница во демократскиот развој на Република Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Средношколски самит за кариерен развој в понеделник во Скопје Сити Мол

Во понеделник, на 22 април, во „Синеплекс“ во трговскиот центар Скопје Сити Мол ќе се одржи Средношколски самит за кариерен развој. Настанот ќе започне во 17 часот, а е...