Во текот на месец јули, до Институтот за јавно здравје пристигнале пет пријави за појава на епидемии од акутни заразни заболувања. Од нив, три се со дијагноза токсикоинфекција алиментарис (труење од контаминирана храна), една со салмонела и една со стомачна инфекција (гастроентеритис), наведено е во билтенот за акутни заразни заболувања за месец јули, што го објавија од Институтот зајавно здравје (ИЈЗ).
„Првата епидемија е пријавена од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Прилеп, со дијагноза Toxoinfectio alimentaris. Кај заболените е докажан причинител салмонела. Регистрирани се вкупно 44 заболени лица, од кои шест биле хоспитализирани. Епидемијата се појавила во работен колектив. Од ЦЈЗ Штип е пријавена втора епидемија, исто така со дијагноза Toxoinfectio alimentaris. Заболеле шест лица, при што немало потреба од хоспитализација. И оваа епидемија била регистрирана во работен колектив“, пишува во билтенот.
Третата епидемија ја пријавил ЦЈЗ Велес, а станува збор за Toxoinfectio alimentaris, при што биле регистрирани 10 заболени лица кои присуствувале на семеен собир. Четири лица од заболените биле хоспитализирани.
Труење со храна имало и во Струмица, а како причинители била наведена бактеријата стафилокока ауреус и стафилококен ентеротоксин.
„Труењето се појавило во градинка, при што биле пријавени шест заболени лица, од кои едно било хоспитализирано“, се додава во билтенот.
Петтата епидемија е од ЦЈЗ Тетово ПЕ Гостивар со гастроентеритис. Епидемијата е пријавена на 19 јули со сомнение за хидрична епидемија и пријавени 140 заболени и 9 хоспитализирани лица. Сите епидемии се одјавени во тековниот месец освен епидемијате во Гостивар која е во тек.
