Ненад Шебек е меѓународен консултант за медиуми и цивилно општество. Претходно Шебек работел како директор на Фондацијата Хеинрих Бол , а претходно портпарол на Регионалниот совет за соработка. Од 2002 до 2014 година работел и како Извршен директор на Центарот за демократија и обнова на Југоисточна Европа. Шебек пред тоа активно работел како новинар 26 години, од кои 16 за Светскиот сервис на Би-Би-Си, при што бил и дописник за Балканот и од Москва. Истовремено работи и како главен визитинг предавач на пост-дипломскиот курс за Човекови права на Правниот факултет при Универзитетот од Виена.

Со овој импозантен бекграунд, Шебек е одличен соговорник на темата дезинформации и лажни вести. Разговорот за „Мета.мк“ опфати теми за состојбата во Србија, но и за третманот на состојбите во Македонија во српските медиуми.

Кои се најчестите медиумски манипулации и дезинформации во вашата земја?

Исто како што Србија во голема мерка е „заробена држава“, така и медиумите во земјата се огледало на таа несреќа, и под контрола на актуелната владејачка елита. Најчестите медиумски манипулации се поврзани со внатрешните работи во земјата, при што манипулациите поврзани со вестите за другите земји се прават така што би се вклопиле во наративот што владата го смета за корисен за својата домашна агенда. Ова подразбира манипулирање и дезинформирање на јавноста кое е насочено кон политичката, меѓународната и особено за економската положба на земјата.

Јавниот радиодифузен сервис може да се нарече таков само според своето име, а всушност, со сите ефективни средства се користи од Владата за остварување на нејзините цели. Истото се случува со она што се нарекува државна агенција Танјуг, која е официјално затворена веќе три години, но која сè уште се користи како пропагандна алатка во полза на Владата.

Севкупната таблоидна медиумска сцена е целосно провладина, исто како што се, речиси, и сите приватни локални радиодифузери. Манипулацијата, исто така, е особено активна преку поплавување на медиумите со сосема ирелевантни вести (за настани од „ријалити“ шоу програми и ТВ-емисии, за старлети, итн.), наместо да се фокусираат на вистинските проблеми на земјата – состојбата на демократијата, „заробената држава“, лошата меѓународна положба, Косово итн. Типичен пример за преплавеноста со лажните вести може да се види на следниот линк, кој ја покажува состојбата во само еден таблоиден српски медиум.

Дали вашата влада има план за борба против дезинформации и колку тој е
активен?

Дури и ако има таков, тоа би била добар виц, бидејќи главниот манипулатор е самата Влада.

Има ли осудителни пресуди за предизвикување општа опасност преку
ширење на лажни вести или говор на омраза?

Говорот на омраза е особено присутен кога се пишува за Косово и „за другите“, т.е. албанската страна или за лидерите на опозициските партии. Тоа е посебно забележливо во таблоидните весници („Информер“, „Српски Телеграф“, „Курир“, „Ало“). Имаше неколку судски процеси за клевета, од кои некои дури беа и добиени (како што е примерот со опозицискиот лидер Драган Ѓилас), но колку што знам, немало ниту еден случај по тужба за говор на омраза кон други националности или други народи од земјите соседи во регионот.

Дали медиумските здруженија се активни во борбата против дезинформациите?

Постојат две главни медиуски организации, УНС и НУНС, како и Здружението на независните новинари на Војводина. Последните две се особено вклучени во демаскирањето на дезинформациите што ви го опишав во одговорите на првото прашање. Но, во „заробена држава“,тоа, често, е речиси невозможна мисија.

Како е застапена Македонија во медиумите?

Имаше силно нагласен про-Груевски сентимент во српските медиуми, во периодот кога не беше јасно кој ќе излезе како победник во политичката борба во Северна Македонија. Откако стана јасно, беше потребно време српската влада тоа да го прифати, а сето тоа се се одрази и во медиумите на истиот начин. Неколку независни медиуми (на пр., „Данас“, „НИН“, „Време“), пишуваа и продолжуваат да пишуваат фер и објективно. Сепак, не постои толку голем интерес за она што се случува во Македонија. Исклучоците беа забележани околу решавањето на спорот за името со Атина, исходот од промените во Скопје и се што е поврзано со Косово или со Српската православна црква.

Дали често се објавуваат дезинформации за Македонија и кои се најчестите?

Најчесто тоа не е прашање на класични лажни вести, туку повеќе станува збор за „агол“ на гледање во веста што се објавува. И се чини – доколку режимот тоа го смета за неопходно – често е поврзано со Косово.