„Шести јуни е датум со силно значење за сите нас, датум со крв врежан во нашите сеќавања. Ден кога сите ние дознавме за свирепоста, бруталноста и за способноста на власта да сокрие убиство на дете – Мартин Нешковски“, пишува во најавата на „Шарената револуција“ и на „Протестирам“ за денешниот протест.

Се очекува настанот да биде помасовен од претходните протести.

„Досега им дадовме доволно време! Дојде часот да ставиме крај на оваа криза! Ве повикуваме сите во 18 часот пред СЈО, да го најавиме крајот на криминалното владеење во Македонија. Да бидеме точни, да бидеме бројни и да бидеме гласни! На сите да им кажеме јасно и гласно што бараме! Нашето трпение помина! Нема повеќе изговори и бегање од граѓаните кои речиси два месеца, храбро и истрајно се бореа против овој режим“, пишува во најавата на настанот на „Фејсбук“.

Од граѓанските движења „Шарена револуција“ и „Протестирам“ најавуваат дека денеска ќе соопштат бескомпромисен план за излез од кризата, со цврсти рокови од кои нема отстапувања.

„Ја повлекуваме црвената линија! Од понеделник одбројуваме! Кризата траеше доволно долго! Во понеделник, граѓаните ќе кажат како ќе ја надминеме! Нема веќе да нè гледаат од шест, но ќе нè гледаат секој ден – сè посилни. Од 6 јуни веќе ништо нема да биде исто!“, пишува во најавата за настанот.