Граѓанските иницијативи „Шарена револуција“ и „Го сакам ГТЦ“ денеска, во 19 часот, пред Специјалното јавно обвинителство ќе излезат на заеднички протест.

„Шарената револуција“ на денешниот протест ќе бара Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство.

„Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство и на тој начин да се овозможи да одговараат сите функционери што преземале криминални дејства. Ова го бараат граѓаните, заедниците и политичките фактори што се борат за демократизација на Република Македонија. Заштитата на СЈО е гаранција дека ќе има правда во Македонија, но власта и Уставниот суд упорно се противат на волјата на граѓаните и подготвуваат опасен план за криминалот да продолжи да владее. Затоа, протестираме против овој режим! Протестираме за да има правда! Протестираме за одбрана на СЈО! Протестираме в среда, 6 јули, 19 часот, пред нашата тврдина – Специјалното јавно обвинителство! “, пишува во најавата за протестот.

Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ бара од граѓаните да направат уште еден напор за да го спасат Градскиот трговски центар од менување на фасадата во барокен стил.

„Оваа влада е целосно исклучена од реалноста. Дента кога ЕУ ги блокираше ИПА-фондовите и блокираше големи инфраструктурни проекти, како автопатот кај Демир Капија и пругата кон Бугарија, тие ѝ ги одзедоа надлежностите на Општина Центар за да потрошат нови десетици милиони евра на уништување на културно наследство. Со оваа влада нема разбирање, а „Скопје 2014“ може да се спречи само ако владата падне. Затоа, ги повикуваме сите наши поддржувачи да се приклучат на протестот на „Шарената револуција“ в среда. Покрај правда и слобода, од улица да се избориме и за нашиот ГТЦ!“, се вели во повикот што го објави здружението „Го сакам ГТЦ“ на својот фејсбук-профил.