fbpx

„Шарена револуција“ пред УЈП: Каде се парите, другари?

-

„Шарената револуција“ денеска пред Управата за јавни приходи (УЈП) протестираше против задолжувањето на Владата. Демонстрантите ги бојадисаа фасадата и прозорците на УЈП и со „пушки“ на вода, со боја испишаа „Шарена револуција“. Пред зградата го поставија главниот транспарент на кој беше испишана познатата реплика од „бомбите“, „Трошиме за чоколадо, а немаме ни за леб“, а пред него беше поставена и џиновска макета на чоколадо.

Пред УЈП се пуштаа и „бомбите“ во кои, како што лани посочи лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се слуша како министерот за финансии, Зоран Ставрески, разговара со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и ѝ вели дека „од исполнување туѓи хирови, едвај собираат пари за плати“.

На денешниот протест двајца говорници зборуваа за економската состојба и за задолжувањето.

Универзитетскиот професор Драган Тевдовски рече дека се правеле споменици и фасади наместо болници, градинки и училишта.

– Нема правда затоа што 30 отсто од семејствата во земјава живеат со помалку од 15.000 денари месечно, а мала група на власт живее во луксуз, купува парцели, „мерцедеси“ и слични работи. Овие луксузи се финансираат од наши пари, од даноци, казни и од задолжувања. Затоа и има аболиција за луѓе на власт, а не за човекот кој продаваше коприви и за човекот кој беше гладен и украде ќебапчиња – рече Тевдовски.

Тој додаде и дека за да има правда и мир, трошењето на народните пари мора да е транспарентно и граѓаните да бидат контролори на власта. Исто така, според него, потребно е праведно оданочување, односно најсиромашните мора да бидат ослободени од плаќање данок, а најбогатите да плаќаат повеќе.

На протестот говореше и активистката Марија Џонс. Таа рече дека од зимата па досега, неколку работи тргнале на подобро. Како пример го посочи укинувањето на законот за хонорарците, како и случајот за работничка од Велес која била избркана од работа затоа што не сакала да го врати регресот за одмор, а потоа го тужела работодавецот и го добила судскиот спор.

– Имам податок дека домашниот бруто-производ од 90-тите години на минатиот век е достигнат во 2006 година, а оттогаш се зголемил за 10 отсто. Епа, каде се парите, другари? Сигурно не во нашите џебови – рече Џонс.

Протестот и денеска традиционално почна пред објектот на Специјалното јавно обвинителство. Граѓаните марширајќи низ центарот на градот пристигнаа до УЈП, каде и го завршија протестот и порачаа „Се гледаме утре во 18 часот пред СЈО“.

Протести на „Шарената револуција“ денеска се одржа и во Штип, Делчево, Кочани,Велес, Струмица, Прилеп, Битола, Кичево, Валандово, Радовиш, Ресен и во Охрид.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...