Да се развива алтернативен туризам, одржливо да се управува со природните ресурси, како и со живеалиштата и екосистемите, да се зачува природното и културното наследство, а истовремено да се обезбеди локален развој и да се едуцира населението кое живее на територијата на Националниот парк Шар Планина, се основите на кои се темели Нацрт-Планот за управување со паркот.
Планот денеска беше на јавна расправа во Тетово, каде се дискутираше и за Нацрт-Извештајот за стратегиска оцена врз животната средина за Нацрт-Планот за управување со Национален парк Шар Планина, кои треба да се дефинираат до крајот на месецот и да се усвојат за следните десет години.
Шара е идеално место каде посетителите може да уживаат во еко-туризам кој се развива во здрава животна средина. Планот предвидува развој на туристички активности во хармонија со целите за зачувување на природните вредности и воспоставување нов туристички бренд на национално и меѓународно ниво. Шар Планина за национален парк беше прогласена во јуни минатата година. Новото заштитено подрачје се простира на 62.705 хектари и според критериумите на ИУЦН од категоријата II – Национален парк, повеќе од 75 отсто од територијата е под висок степен на заштита.
Според министерот за животна средина Насер Нуредини, сега е вистинскиот момент да се слушнат сите мислења и да се дефинира Планот кој ќе треба да даде основа за десетгодишно управување со паркот.
„Целта ни е со планот да ја заштитиме Шара и нејзините природни вредности, но и да обезбедиме одржлив социо-економски развој за населението. Да овозможиме развојните политики да функционираат на цврсти основи. Националниот парк зазема големо подрачје во кое се сместени 25 села, а заедно со заштитеното подрачје во Косово отвора големи можности за соработка, за нови инвестиции и развој на еко туризам“, рече Нуредини.
Шар Планинa е европско жариште на биодиверзитетот и подрачје кое се карактеризира со извонредни природни вредности во пограничната област помеѓу С. Македонија и Косово, каде национален парк е прогласен пред повеќе од една деценија. Поседува богата флора и фауна, а најпозната е како дом на балканскиот рис. Има 128 видови птици, 51 вид цицачи и над 1000 видови растенија.
Според Даниел Богнер, меѓународен експерт, на Планот за управување со Шар Планина се работи повеќе од две години, а користени се и искуства од други национални паркови.
„Планот е рамка која предвидува идни активности за менаџментот и ако сакаме и идните генерации да уживаат во овие реки и природа, мора да ги следиме мерките и правилата на живот во заштитените подрачја. Сите кои живеат во рамките на паркот, но и оние кои го посетуваат мора да се едуцираат која е неговата важност“, рече Богнер.
Едно од главните прашања кое ги засегна жителите на Националниот парк, присутните на јавната расправа беше располагањето со шумите, поточно како да се снабдат со огревно дрво. Според директорот на Јавната установа Национален парк Шар Планина Ибрахим Дехари, секој кој поседува шума во рамките на паркот за сечење дрва ќе мора да побара дозвола од оваа установа. Оние кои немаат регулирано сопственост нема да можат да добијат ваква дозвола. Менаџирањето со шумите, односно продажбата на дрво, како како еден од можните извори на финансирање на паркот, беше проблематично и за екологистите. Според Дехари, се работи само за задоволување на потребите на жителите, додека сеча заради трговија или за потреби на индустријата е забранета.