И по пет години од прогласувањето на дел од Шар Планина за Национален парк, проблемот со отпадот и дивите депонии и натаму останува нерешен. Неодговорните граѓани загадуваат, а властите не преземаат ништо, пишува Порталб.мк.

На пример, во близина на селото Бродец се фрлени стари софи и отпад од домаќинствата, а градежниот отпад се фрла во коритото на реката Пена. Националниот парк се протега претежно на територијата на општина Тетово.
Градоначалникот на оваа општина – Биљал Касами е свесен за алармантната состојба и нагласи дека едноставните акции не се доволни за решавање на ова масовно загадување.

„Од самата слика на терен јасно е дека е потребна посериозна интервенција и преземање на акција за полека да ја вратиме убавината на оваа област, и за граѓаните и жителите на областа да можат да управуваат и да го отстрануваат и комуналниот и инертниот отпад на местата наменети за тоа, а не насекаде, при што ја загадуваат животната средина“, рече Касами.
Од друга страна, директорот на Националниот парк „Шар Планина“, Евзал Елмази, потврди дека не е изречена никаква казна, оправдувајќи го тоа со недостатокот на алтернативи за жителите.
„Се работи за проблем што бара сеопфатно решение, долгорочно решение, бидејќи целта не е да се започне со казни. Станува збор за 27 населби на територијата на паркот, а особено планинските се соочуваат со проблеми од ваква природа. Затоа, ќе бидеме во континуирана комуникација со Општина Тетово, како и со Министерството за животна средина, за да најдеме едно долгорочно решение. Бидејќи целта не е сега да се исчисти, а по еден месец повторно да имаме исти купишта со отпад. Мислам дека казните нема да
имаат никаков ефект ако не се најде алтернатива за овие граѓани каде ќе можат да го фрлат тој отпад“, рече Елмази.
Како резултат на недостатокот на депонија за цврст отпад во Тетово и околните општини, жителите и бизнисите отпадот го фрлаат во природа или во реките.

Дивите депонии и купишта отпад може да се видат во многу области на Шара, а овој еколошки проблем е присутен веќе многу години без едно одржливо решение. Граѓанските организации предупредуваат дека ако Шар Планина се промовира како туристичка атракција, посетителите нема да доаѓаат да гледаат отпад насекаде, туку ќе бараат чиста природа, сериозно управување и вистинска меѓуинституционална соработка.
Но, институциите „ги затвораат очите“ пред проблемот и одговорноста ја префрлаат од едни на други.
Инаку, по неколку децениско чекање на 30 јуни 2021 година Собранието прогласи дел од Шар Планина за национален парк. Паркот зафаќа површина од 62.705 хектари, и во границите на паркот има 27 села со околу 17.000 жители, поделени во седум општини.