Површинските и подземните води на Шар Планина се главниот извор за водоснабдувањето на Тетово и Гостивар, придонесуваат и кон полнењето на извориштето Рашче, од кое со вода за пиење се снабдува најголемиот дел од Скопје, а обезбедуваат вода и за функционирањето на Мавровскиот хидроенергетски систем. Сепак, проблемите со водоснабдувањето во Тетово и актуелната состојба со загадувањето на водоводниот систем во Гостивар покажуваат дека природните ресурси сами по себе не гарантираат безбедна вода за пиење, посочува анализата „Шар Планина: Македонската водна кула пред нови предизвици“ на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

Документот нагласува дека водната сигурност не зависи само од количината на расположлива вода, туку од начинот на кој се управува со целиот воден систем. Во изминатите години, Тетово периодично се соочуваше со рестрикции и проблеми во снабдувањето, додека пак актуелната криза во Гостивар уште еднаш покажа дека еднакво неопходни се и заштитата на изворите, зафаќањето на водата, третманот, дистрибутивната мрежа, контролата на квалитетот и довербата кај граѓаните, а слабоста во која било од овие точки може да го загрози целиот систем.

„Актуелната состојба со гостиварскиот водоводен систем претставува потсетник дека безбедноста на водата за пиење може да биде доведена во прашање доколку не постојат сигурна инфраструктура, континуиран мониторинг и ефикасно институционално управување. Водната сигурност бара систем кој обезбедува континуиран мониторинг на квалитетот на водата, јасни процедури за управување со ризици, редовна контрола на сите точки од системот, заштита на изворишните и водозаштитните зони и институционална одговорност и транспарентност кон граѓаните“, се вели во анализата на „Социетас Цивилис“.

Извориштата, речните сливови, инфраструктурата, институциите и корисниците на водата претставуваат меѓусебно поврзан систем. Водите на Шар Планина истовремено обезбедуваат вода за пиење, производство на електрична енергија, зачувување на природните екосистеми и поддршка на локалниот економски развој. Сепак, овие функции најчесто се планираат и управуваат одделно, преку различни институции и сектори, без доволна координација. Во услови на климатски промени и зголемен притисок врз водните ресурси, ваквиот пристап повеќе не е доволен. Затоа, препорачуваат од Институтот, идното управување со водите на Шар Планина треба да се темели на интегриран пристап кој ќе ја третира планината како единствен воден систем.

„Шар Планина претставува стратешка природна инфраструктура од која зависат водоснабдувањето, енергетската сигурност, јавното здравје и климатската отпорност на државата. Идното управување треба да се темели на интегриран пристап, во согласност со Рамковната директива за води на Европската Унија, која управувањето со водите го заснова на речните сливови и координацијата помеѓу сите корисници на водните ресурси. Во 21 век водата повеќе не може да се третира само како суровина за економска активност или енергетско производство. Таа е истовремено основно човеково право, критична инфраструктура, предуслов за јавното здравје, природен капитал и клучен ресурс за адаптација кон климатските промени. Прашањето не е дали Шар Планина има доволно вода, туку дали ќе успееме соодветно да управуваме со овој воден капитал и да го зачуваме за идните генерации,“ се вели во анализата.