fbpx

Шанса за Центар: Заканите со тужби се обид за да се најде оправдување за постапките што ќе следат

-

По објавувањето на стравувањата за можно разрешување на урбанистичкото уредување на подрачјето на фабриката „Треска“ на начин на кој ќе се занемари јавниот интерес, од граѓанската иницијатива Шанса за центар тврдат дека биле цел на организирана кампања полна со манипулации, невистини и закани. Истовремено, велат дека со настапот предизвикале и реакции, со кои се потврдуваат нивните стравувања.

„Шанса за Центар смета дека заканите со тужби за милионски суми од страна на сопствениците и плашењето на граѓаните со нив од градоначалникот се само обид за да се најде оправдување за постапките што ќе следуваат“, соопштија од граѓанската иницијатива.

Од таму додаваат дека според реакциите на општината и градоначалникот Горан Герасимовски јасно е дека тие не планираат ниту да ги објават, ниту да ги спроведат идејните решенија од конкурсот за „Треска“, иако за нив има одлука на Советот со која Советот го задолжува градоначалникот, а целата постапка е спроведена со пари на граѓаните.

„Со неспроведувањето на одлуките на советот, градоначалникот се става над Советот. Притоа, не одговара на прашањето врз која основа е одлучено дека овој конкурс не треба да се спроведува, а задолжението да не се почитува“, нагласија од Шанса за Центар.

Тие потсетуваат дека во одговорите кон прес-конференцијата што ја одржаа пред три дена се инсинуира дека Шанса за Центар тврди дека „земјиштето ќе се продава незаконски“, иако многу јасно посочиле дека за отуѓување на ова општинско земјиште е можно да се употребат законски механизми со кои процесот би можел да се одвива со исклучување на јавноста, на граѓаните и на Советот на општината, а со тоа и без грижа за јавниот интерес.

„Општината и градоначалникот, настапуваат како да се засегнати во врска со прашањата, зошто не се сменети досега законите со кои се овозможува распродажба на земјиште преку постапка за дооформување на парцели, или приватизација по багателни цени. Потсетуваме дека прашањата се упатени до Владата, а не до општината“, наведоа од Шанса за Центар во соопштението.

Шанса за Центар е зачудена од реакцијата и заканите на сопствениците на приватни парцели во „Треска“ кои по нивната прес-конференција јавно прашаа дали Шанса за Центар ќе преземе каква било одговорност пред граѓаните за каква било штета ако не им се дозволи да си го остварат нивното право. И нагласија дека подготвуваат тужба за нанесена штета во износ од 50 милиони евра.

Но, граѓанската иницијатива нагласи дека прашањето е што и како се планира со 47% од земјиштето кое е во државна сопственост и во надлежност на Општина Центар, за кое општинските советници имаат обврска да се грижат и да одлучуваат како што налага Членот 36 од Законот за локална самоуправа.

Шанса за центар тврдат дека иако Герасимовски вели дека е манипулација тврдењето дека тој одбива да соработува со Партиципативното тело за урбанизам, притоа не дава пример како доказ од таа соработка со ова тело, кое е оформено согласно Законот за урбанистичко планирање.

Тие го повикаа градоначалникот и Општината на транспарентност во целата постапка и вклучување на Советот во одлучувањето, што не само што не е спротивно на ниту еден закон, туку е и обврска од Законот за локална самоуправа и прашаа:

 „Колку од државното земјиште ќе биде продадено на подрачјето на „Треска“ преку дооформување на парцели?“ и „Врз која основа одлучил без да има одлука на Советот да не ги објавува резултатите од конкурсот?“

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Контраспин: Силјановска не ги седна пензионерите во ложата на „Мапет шоу“

Контекстот во кој претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ ја кажа репликата за „Мапет Шоу“, беше сосема поинаков од оној што го претстави СДСМ. Самата реплика воопшто не се однесуваше на...