Шаќири: Ќе превенираме несакани настани како во соседна Србија

Ова е сериозен предизвик за сите нас, имавме плодна дискусија и сите сме согласни дека промени мора да се случуваат, затоа што новото време ја менува динамиката на живот, се менуваат трендовите, се менува однесувањето на младите, рече министерот Шаќири

Фото: МОН

Експерти од областа на педагогијата, социологијата, безбедносните науки, психологијата денеска дискутираа за тоа како да се надополнат постоечките механизми за да може подобро да се детектира и спречи врсничко насилство, но и да се промени пристапот за работа со деца со асоцијално однесување.

„Денеска дискутиравме за да видиме што е она што можеме да го интегрираме во нашиот образовен систем, за да превенираме несакани настани како во соседна Србија. Ова е сериозен предизвик за сите нас, имавме плодна дискусија и сите сме согласни дека промени мора да се случуваат, затоа што новото време ја менува динамиката на живот, се менуваат трендовите, се менува однесувањето на младите. Овие предизвици бараат и соодветен одговор“, изјави по средбата министерот за образование Јетон Шаќири.

Како прва активност, иницирано е отворање на електронски адреси каде младите,
родителите и воопшто граѓаните ќе можат да пријавуваат врсничко насилство:
[email protected] и [email protected] на албански јазик.

Адресите се веќе активни и министерот најави дека по секоја пријава веднаш ќе се постапува. Во рамки на постечките механизми за справување со меѓуврсничко насилство и девијантни однесувања на децата и младите, делуваат стручните служби во училиштата, Педагошката служба и Просветниот инспекторат, а МОН има
конструктивна соработка со службите на МВР.