Шаќири: Ќе обезбедиме дигитални верзии на хартиените учебници

„Дигитализирани се голем дел од услугите кои ги нуди образовниот систем - запишување првачиња, запишување ученици во средно училиште, запишување ученици во спортска академија, нострификација на дипломи стекнати во странство за основно, средно и високо образование, секаков тип на ученички и студентски стипендии, сместување во ученички и студентски домови, субвенциониран оброк“, рече Шаќири

Фото: Министерство за образование и наука

Во иднина ќе ги задржиме традиционалните хартиени учебници во основното и средното образование, но ќе обезбедиме и дигитални верзии, заради полесна достапност и примена, истакна министерот за образование и наука на денешната панел дискусија посветена на дигитализација на образованието, која е дел од одбележувањето на 20 годишнината на Американски универзитет на Европа – ФОН.

Тој кажа дека Министерството за образование и наука (МОН) во изминатиот период е насочено кој целосна дигитализација на сите процеси во образовниот систем.

„Голем дел од услугите кои ги нуди образовниот систем, како што се запишување на дете во прво одделение, запишување на ученик во средно училиште, запишување на ученик во спортска академија, нострификација на дипломи стекнати во странство за основно, средно и високо образование, секаков тип на ученички и студентски стипендии, сместување во ученички и студентски домови, субвенциониран оброк, конкурси од областа на науката се дигитализирани“, рече тој.

Шаќири посочи дека како дел од процесот на дигитализација на образованието во 2021 година биле дизајнирани и изработени дигитални интерактивни материјали за учење за 4 одделение.

„Материјалите беа направени врз основа на новата Концепција за основно образование со цел учениците полесно да ги разберат содржините кои се изучуваат согласно новите наставни програми за 4 одделение“, рече тој.