Шаќири: Децата немаат заштитен ѕид од онлајн ризици и закани

Фото: Министерство за образование и наука

Масовната онлајн изложеност на децата на Интернет, покрај сите придобивки, носи можности и за злоупотреби, закани, насилство и експлоатација. Затоа е многу важно системски и организирано да ги заштитиме младите од демнечките онлајн ризици и закани. Ова го кажа министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната презентација на Проценката за безбедноста на децата онлајн за Северна Македонија, подготвена од Меѓународната телекомуникациска унија (ITU), врз основа на ставови и искуства на деца и родители.

„Децата немаат заштитен ѕид, firewall, за онлајн ризици и закани. Него мора да го
изградиме ние како заедница, како системски одговор“, кажа тој, потенцирајќи дека вакви сложени предизвици бараат ангажман од целото општество, вклучување
како на владиниот така и на граѓанскиот сектор, на бизнис заедницата, медиумите и на сите граѓани.

Шаќири истакна дека е потребно постојано внимание и подигнување на свесноста за онлајн заканите, насилството преку Интернет, сајбер насилството и дигиталното вознемирување.

„Министерството за образование и наука во рамки на реформата на деветолетката,
посебно внимание посветува на дигиталното образование. Согласно новата Концепција, дигиталната технологија мора да се применува на начин кој им е од непосредна корист и добробит на учениците. Дигиталната писменост е еден од националните стандарди за основното образование, што значи дека учениците стекнуваат знаења, вештини и ставови што им овозможуваат отвореност и познавање на можностите, но и замките на информациските и комуникациските технологии и на нивно креативно, критичко и одговорно користење за учење, за работа“, рече тој.

Министерот кажа дека дигиталната писменост ја вградуваат во наставните планови преку вклучување во повеќето задолжителни и некои изборни наставни предмети како и со вклучување во воннаставните активности.

„Целта е учениците да умеат да ги користат информатичко комуникациските технологии за да дојдат до информации, да можат умешно и ефективно да ги користат дигиталните алатки за решавање проблеми, споделување идеи, комуникација и соработка во училиштето и надвор од него. И што е најважно, сето тоа да го прават заштитувајќи се себе си, преку етичко и безбедно користење на дигитална технологија“, рече министерот за образование и наука.

Проценката за заштита на децата на Интернет за Северна Македонија е изработена во
соработка со Министерството за информатичко општество и администрација.