Фото: МИОА

Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, во ексклузивно интервју за „Порталб.мк“, изјави дека дигитализацијата во Северна Македонија ќе се спроведе преку Дигиталната агенција, која се очекува да биде основана следната година и која ќе биде главната институција која би управувала со прашањата за дигитализација. Министерот најави дека лицата кои живеат во странство наскоро ќе можат да утврдат распоред за обновување на документите додека престојуваат на одмор во татковината. Шаќири во интервјуто најави и превентивни мерки за полнење на администрацијата со непрофесионален кадар.

„Услугите што ќе ги креира Дигиталната агенција ќе бидат дадени само на системи или министерства. Ова ќе донесе напредок што го очекувам долго време, односно прво мора да се креира институцијата, да се направи ребаланс на буџетот и за следната година очекувам конкретни резултати за ова“, вели министерот Шаќири, додавајќи дека со дигитализацијата, граѓаните ќе имаат придобивки, ќе добијат многу ефикасни услуги, а придобивки ќе има и стопанството на земјата.

Министерот најави дека лицата кои живеат во странство наскоро ќе имаат можност дигитално да достават распоред за добивање услуги за нивните документи во државата.

„Се прават максимални напори, велам за прв пат, овие дигитални услуги да започнат годинава, да покажеме внимание, бидејќи многу наши граѓани кои живеат во странство, веќе одреден временски период не можеа да дојдат во нашата земја, а кога ќе дојдат веројатно ќе треба да ги обноват своите патни исправи и одредени документи. Оценивме дека е погодно, брзо да ги развиеме овие 20 услуги, така што сега истите се во завршна фаза за овие граѓани да аплицираат за пасош од странство, да го испланираат распоредот во текот на нивните одмори кога ќе можат да се јават на назначениот шалтер за последните процедури и да добијат пасош“, најави Шаќири.

Во врска со изјавата на претседателот на Антикорупциска комисија, Билјана Ивановска, која истакна дека непотизмот, кронизмот и политизацијата при вработувањето се најслабата алка во реализацијата на професионална и ефикасна јавна администрација, министерот вели дека ги добиле препораките на ДКСК како упатства и најголем дел од нив се вклучени во законите за административни службеници и вработени во јавниот сектор, кои се очекува да бидат доставени во Влада во текот на јуни.

„Тестовите за администрација треба да бидат отворени и да не се поврзуваат со конкурси, така што секое дипломирано лице може да се пријави за испит во Агенцијата за администрација, а кога ќе се отвори некој конкурс да може да го приложи положениот испит. Предвидовме промени во делот на анкетирањето, интервјуто да е добро структурирано, да се подготви извештај, во кој ќе има одговорност и за членовите на Комисијата за проценка,“ вели Шаќири.

Министерот зборуваше и за проценката за тоа колку „едно-шалтерскиот“ систем ја зголеми ефикасноста на услугите, имајќи предвид дека пред шалтерите за добивање на услугите и понатаму има долги редици. Министерот најави дека на неколку локации ќе бидат поставени документомати.

„Предвидовме да понудиме „документомати“ кои ги промовиравме. Во текот на 2021 година предвидовме поставување на три „документомати“ што ќе ги заменат „едно-шалтерските услуги“, бидејќи во рамките на „едно-шалтерските услуги“, покрај тоа што имаме инвестиции, имаме и човечки ресурси, работници кои се вработени и нивното проширување низ територијата ќе влијае на растот на вработените во министерството. „Документоматите“ ја заменуваат и работната сила, но во исто време истите ќе мора да се одржуваат за документите кои ќе можат да се добијат од нив“, додаде Шаќири.

За тоа зошто не започна реорганизација на администрацијата, со која се предвидува намалување на институциите и административците, според препораките на ЕУ, Шаќири вели дека се очекува усвојување на законот.

„Сите политички субјекти и институции се вклучени во подготовката на законот, сите имаат свои претставници во советот или работната група. По усвојувањето на законот, овој процес ќе започне со реорганизација на државните органи. Тоа е процес кој, колку што е важен е исто толку и сложен, и сега сме во фаза на развој на проектот. На крајот на јуни, ќе се одржи состанок на Советот за административни реформи, при што ќе се достави извештај, работните групи ќе продолжат со работа во изготвување на законот и верувам дека во текот на 2021 година ќе го поднесеме законот, за кој ќе се предвиди временски период за имплементација“, рече Шаќири.

Во врска со проектот за трансфер на административците од јавниот во приватниот сектор, Шаќири подвлече дека Владата не се откажала од истиот, но последниот период не можеше да се реализира поради состојбата со пандемијата на ковид-19.