Бања Банско
фото: МТСП

Заводот за заштита и рехабилитација во Бања Банско ќе ја прошири дејноста со  повеќе социјални услуги за рехабилитација и реинтеграција на лицата со попреченост заради нивно вклучување на пазарот на трудот, најави денеска министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, при посетата на Заводот во Општина Струмица.

Тоа е дел од процесот на деинституционализација кој започна со воведувањето на социјалната реформа, а смислата е лицата сместени во институција, вклучително и лицата со попреченост, во Заводот Бања Банско да бидат сместени и да живеат со поддршка, преку системот на социјална заштита.

„Трансформацијата на Заводот во современ давател на повеќе социјални услуги за потребите на лицата со попреченост е според одредбите од конвенцијата на ООН. Тоа значи дека ќе дава услуги: рехабилитација и реинтеграција на лицата со попреченост, професионална рехабилитација и вклучување лицата со попреченост на пазарот на трудот, а доколку има потреба, преку Заводот можеме да ја зајакнеме достапноста на услугите за лична асистенција и помош и нега во домот за овие лица. Целта е тие да можат активно да се вклучат во општеството, според нивните способности и потреби, “ посочи Шахпаска.

Таа ги истакна позитивните искуства со здружението „Покров“ кое врши рехабилитација, реинтеграција и професионален ангажман на лица кои се лекуваат од различни зависности. Во Општина Струмица, исто така, лична асистенција користат најголем број на корисници во државава, после Скопје, или околу 40 корисници, кои услугите ги добиваат преку подружницата на Црвениот крст.

Директорката на Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско, Стојанка Изова, информираше дека институцијата постои 47 години и за тоа време во неа престојувале околу 300 корисници. Како дел од процесот на деинституционализација, 11 корисници веќе живеат надвор од институцијата, со поддршка, во групни домови, односно во четири станови во Струмица и во куќи во Добрејци и во Миравци.