фото МТСП

Меѓу главните постигнувања на Владата е борбата против дискриминацијата, за потврда е и донесениот Закон за заштита и спречување на дискриминација, според ЕУ директивите и меѓународните стандарди, со кој ќе се овозможат еднакви права за сите и ефикасна заштита од дискриминација.

Ова го посочи министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на денешната панел дискусијата „Телесна автономија-основа на човековите права“, како осврт на обврската за телесна автономија, преку родовата еднаквост, што беше потврдена со усвојување на националните заложби на Самитот во Најроби во 2019 година.

Таа како значаен го посочи Законот за спречување и заштита од насилство врз жените, вклучувајќи го и семејното насилство.

„Законот јасно ги дефинира сите видови на родово базирано и други видови на насилство врз жените. Но, исто така ова е Закон што нуди мерки за превенција, постапување и заштита на жртвата преку координиран и институционален пристап“, рече Шахпаска и дополни дека Владата го усвои концептот, Едно општетство за сите, кој подразбира дека жените и мажите треба да имаат еднакви права и учество во граѓанскиот и политичкиот живот.

Министерката ја посочи и Стратегијата за родова еднаквост 2021-2026 година со која се предвидуваат активности за сузбивање на стереотипите и предрасудите и превенирање на родово базирано насилство, како и дека е подготвена работна верзија на новиот Закон за родова еднаквост. Со него треба да се обезбеди остварување на потполна родова еднаквост, зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, еднаков пристап до ресурси и учество во донесување на одлуки во сите сфери на општествено живеење.

Целта на настанот, како што соопштуваат од МТСП, беше да се промовираат акции за телесната автономија и сексуалното и репродуктивното здравје, унапредување на правата на жените и на девојчињата, на семејствата, заедниците и на нациите, а во пресрет на јунскиот Форум за генерациска еднаквост, што ќе се одржи во Париз.

Панел дискусијата беше во организација на УНФПА, во соработка со МТСП, Министерството за здравство, Амбасадата на Франција, Канцеларијата на Постојаниот координатор на ОН, Кабинетот на Претседателот на РСМ и други партнери.