Интеграцијата на Ромите е приоритет за Владата и за таа цел се реализираат повеќе проекти за нивна поддршка и за намалување на разликите кај населението. Ова го посочи министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на денешната средба со раководителот на канцеларијата за Интеграција на Роми 2020, при Советот за регионална соработка, Орхан Усеин и експертот за политики, Александра Бојаџиева.

„За изградба на социјални станови наменети се 69 милиони евра, потоа во соработка меѓународни партнери обезбедени се 412 илјада евра за проектот за собирање и селектирање на отпад, додека 25 милиони евра се за Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување, во кој еден од принципите е инклузивност и диверзитет”, нагласи Шахпаска.

Советот за регионална соработка пет години го спроведува проектот Интеграција на Ромите, поддржан од страна на ЕУ и Фондациjата Отворено општество. Целта е да се подобри состојбата на ромската заедница и да се премости јазот кој постои помеѓу Ромите и останатото население.

„Покрај социјалното домување, програмата за формализација на неформалната работа е една од нашите најважни цели. Одлично е тоа што Северна Македонија сериозно вложува во оваа насока, преку Оперативниот план и преку Мечинг фондовите за претприемништво за Роми ”, оцени Усеин.

Двајцата соговорници констатираа дека од големо значење е да се вложува во развој на дигитални и ИТ вештини кај Ромите, за тие да можат полесно и побрзо да стигнат до информации за предвидена помош, да се вклучат во бизнис секторот, но и да ги пренасочат своите бизниси во е-бизниси.