fbpx

Шахини-Хоџај: Фејсбук е најпогодната платформа за ширење дезинформации во Косово

-

Ремзие Шахини-Хоџај е предавач на Приштинскиот универзитет, каде што подучува медиумска етика и други предмети од областа на новинарството. Со неа разговаравме во Скопје на тема на состојбата со дезинформациите во Косово и како тамошната јавност, политика и медиумите се справуваат со овој феномен, а се обидовме да дознаеме и кој е во најголема мера виновен за ширењето на дезинформациите во оваа држава.

Кои се најчести видови манипулација и дезинформации во медиумите во вашата земја? Дали се тие политички, дали се комерцијални, кој стои зад тоа, дали се политичките партии, дали се новинари?

Всушност, постојат различни видови, па затоа може да биде полу вистината  и неточна информација, дезинформација или дури и лажни вести, но понекогаш се користи и сатира како дел од дезинформирање на луѓето. Тоа зависи. Претежно злоупотребата на информации се користи за време на политичката кампања, видовме за време на последните избори, за време на политичката кампања политичките партии и кандидатi злоупотребија информации со цел да му наштетат на имиџот на други политичари или политички партии, но понекогаш и лажните вести се користат само за кликови, само за да се здобијат со повеќе посетители, повеќе кликови на веб-страницата.

Кои медиуми ги користат политичарите за ширење дезинформации? Дали користат медиуми кои партиите ги имаат создадено или постојните медиуми?

Сега работите се сменија од последните избори 2014 и 2017 година. На локалните избори најголем дел политичари користат Фејсбук. Тој е широко распространет на Косово и мислам дека има 1,5 милиони луѓе кои имаат активни сметки на Фејсбук, па е еден од најпогодните социјални медиуми за потребите на политичарите. Некои од нив користат Твитер, но содржината е на англиски јазик, затоа што се користи за странската публика, а не за локалната.

Кој ги шири тие дезинформации на Фејсбук? Станува ли збор за политичарите лично, има ли анонимни профили, дали станува збор за инфлуенсери, за исти луѓе цело време или има поширок круг?

Не мислам дека самите политичари создаваат и шират лажни вести. Тие најчесто се споделени преку лажни профили, медиуми или лажни медиуми што се создаваат за таа цел, но многу често медиумите, дури и  добро познатите медиуми како „Бота Сот“ или кој било друг, се жртви на лажните вести. Не можат да проценат и идентификуваат дали изворот е сигурен или не.

Дали има новинарско здружение на Косово и дали прават нешто за да го спречат протокот на дезинформации? Дали се активни?

Да, новинарските здруженија се многу активни, дури организираат конференции и семинари и се борат на различни начини. Постојат и други механизми за борба против лажните вести, како на пример ние на Универзитетот се обидуваме да ги едуцираме помладите генерации, оние што се подготвуваат за пазарот да не бидат жртви на лажните вести и да не бидат тие што ќе шират лажни вести, а има и други чинители какви што се граѓанските организации, затоа што ова станува глобален тренд и луѓето треба да бидат свесни за тоа што се лажни вести, како може да се идентификуваат. Дури и меѓународните организации инвестираат со фондации во проекти што ќе се занимаваат само со оваа проблематика.

Дали Владата прави нешто за да го спречи протокот на лажни вести, има ли програма или активности од страна на Владата во овој поглед?

Од самата влада не сум баш сигурна, но ако ја земеме предвид, на пример, Независната комисија за медиуми што се избира во Парламентот, тогаш индиректно можеме да кажеме дека се вклучени во тоа, но директно не сум свесна дека прават нешто. Она што го видов неодамна, имаше кампања за подигање на свеста за тоа како би можеле да бидете жртва на лажни вести, но не сум сигурна од кое министерство.

Која е улогата на Независна комисија за медиуми, што прават тие и дали е составена од новинари?

Всушност, имаме две регулаторни тела. Имаме Независна комисија за медиуми која се занимава со електронски медиуми и имаме Совет на печатени медиуми што работи со печатените медиуми. Имаме огромен број веб портали и новински агенции кои се само на интернет. Некои од познатите дневни весници кои преминаа на интернет се дел од овој Совет на печатени медиуми, но повеќето веб портали, кои се обидуваат да се збогатат преку оваа професија, ако би можела да кажам така, не се придржуваат кон правилата или тие делуваат како што сакаат. Ако бидат посочени од Независната комисија за медиуми која се занимава со електронски медиуми, тогаш тие ќе речат ние сме печатени медиуми и не е ваша надлежност да се занимавате со нас. Од друга страна, ако бидат посочени обвинат од Советот на печатени медиуми, тие ќе речат дека се електронски медиуми, затоа што недостасува саморегулација на онлајн медиумите. Независната комисија за медиуми се занимава со регулирање на јавните радиодифузери, давање на фреквенциите на сите ТВ и радиодифузери во Косово и прават одлична работа што ја започнаа оваа година во однос на медиумска писменост. Веројатно ќе започнат и со кампања за подигнување на свеста преку јавниот радиодифузер со цел да се едуцира јавноста зошто се толку важни медиумите во денешно време.

Што е со судовите, дали има пресуди поврзани со говорот на омраза, на пример, предизвикување општа опасност како резултат на ширење лажни вести, дали сте свесни за какви било пресуди од овој вид од страна на судовите?

Споровите поврзани со вестите и со новинарите се сметаат за граѓански, така што повеќето траат многу долго кога ќе дојдат на суд. Најмногу санкции има, како што реков, од страна на Советот на печатени медиуми  и Независниот совет за медиуми и се само парични казни. Неодамна имаше еден политичар, мислам дека тој беше член на една од партиите, која, всушност обвини еден од весниците за ширење дезинформации и клевети и мислам дека доби голема сума пари како оштета.

Како е презентирана Македонија во вашата земја од страна на косовските медиуми, дали има многу дезинформации за Македонија?

Треба да видиме две перспективи како Македонија е претставена во косовските медиуми, бидејќи знаете дека имаме албански малцинство кое живее во Македонија. Така што, повеќето од дневните вести што доаѓаат од Македонија се поврзани со Албанците кои живеат овде. Кога станува збор за билатерална соработка и владини договори и политичка размена, мислам дека ја гледаме Македонија како голем поддржувач и една од најдоверливите соседни земји во регионот. Без разлика која влада е на власт, ние ја гледаме Македонија како поддржувач. Не би рекла дека има штетни дезинформации, може да бидат повеќе како неточни информации, веќе споделени во регионот, работи како на пример Џорџ Вашингтон бил од албанско потекло или нешто слично, што не е штетно и е без политичка позадина. Ако гледаме од политичка гледна точка, нема дезинформации што се создаваат намерно.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...