fbpx

Шабани: Не мрдаме одовде додека Реџепи не си поднесе оставка

-

Ситуацијата во Исламската верска заедница е сè уште тензична и статус кво откако вчера скопскиот муфтија Ибрахим Шабани и неговите приврзаници упаднаа и го зазедоа седиштето на ИВЗ.

Денеска пред седиштето на ИВЗ е мирно, но може да се почувствува извесна тензија, како ехо од вчерашните случувања. Неколкумина полицајци сè уште се пред влезот на службените простории и го контролираат влегувањето и излегувањето, за да се спречи евентуална нова ескалација на тензиите.

Под сенките на дрвјата, во дворот од седиштето затекнавме дваесетина приврзаници на скопскиот муфтија. Не сакаат да зборуваат за случувањата, а таму се како поддршка на муфтијата и на привременото раководство на ИВЗ.

Муфтијата и привремениот реис, Африм Тахири, до неодамна секретар на ИВЗ, цврсто остануваат на барањето поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, да си поднесе оставка и да се избере ново раководство. Доколку не го направи тоа, тие најавуваат дека работата ќе ја изнесат на суд и ќе бараат решение низ правна процедура.

Додека бевме во просториите на ИВЗ, таму пристигна адвокат, кој чекаше за состанок со скопскиот муфтија и со привременото раководство.

– Излезот од ситуацијата ќе биде полесен доколку тој (реисот Сулејман Реџепи) даде неотповиклива оставка. Ако не, ние ќе тераме со судска процедура да го тргнеме човекот што ја води оваа институција. Во меѓувреме, ние ќе доаѓаме и ќе работиме. Нема да бидат блокирани институции, печатите ги има секретарот на ИВЗ, административните работи ќе продолжат како што треба – изјави за „Мета“ скопскиот муфтија Ибрахим Шабани.

Според него, вчера во ИВЗ не се случил пуч, туку тој со своите приврзаници дошол да разговара со реисот околу одлуката за разрешување на скопскиот муфтија на седница на реисатот, во четвртокот минатата недела.

– ИВЗ од овие денови е во една вонредна состојба. Тоа што се случи вчера не беше пуч. Ние дојдовме да се видиме со него поради некои шпекулации, односно одлуки што тој ги објавил на таа седница во Кондово. Ние дојдовме во 8.30 часот и сите што работат во ИВЗ беа на своите работни места и никој не беше спречен да работи. Ние бевме упатени во кабинетот на реисот. Ни рекоа дека не е тука. Во меѓувреме се појавија двајца луѓе, вработени тука. Мустафа Даути назначен за раководител на „Ел Хилал“ и Реџеп Зибери, назначен за раководител на здружението „Илмије“ – вели Шабани.

ivz5
Дупката од куршум во таванот сведочи за вчерашните тензии во просториите на ИВЗ

Тој тврди дека во тие моменти ситуацијата станала тензична, паднале тешки зборови, а еден куршум завршил во таванот од ходникот.

– Почнаа да се креваат тензии. Од Мустафа Даути почнаа тензиите… „Ќе се пролее крв, ќе се поубиеме, ќе се тепаме“, велеше. Таа порака сигурно ја имал, односно тој сам треба да каже кој го насочил така да каже – тврди скопскиот муфтија.

Покрај барањето да се извини за наводните навреди, кои, како што тврди скопскиот муфтија, реисот Реџепи ги кажал пред една недела, тој и неговите приврзаници, велат дека поглаварот е и нелегитимен лидер на ИВЗ, бидејќи бил реизбран незаконски, односно без правилник за избор на Реис врз основа на новиот устав на ИВЗ.

– Тој е избран по уставот од 2003 година, по член 41, кој вели дека мандатот на реис ул улема трае пет години со право на еден реизбор. Промена на уставот имаше 2008 година, каде што веќе имаме ситуација тие што ќе се избираат по новиот устав да имаат неограничен мандат. Муфтиите кои беа избирани по уставот од 2003 година кога им заврши мандатот, имале резибор во 2009 година по новиот устав и сите муфтии се легитмини бидејќи се избрани по новиот устав. Кога се смени уставот, требаше да се менуваат многу акти и нормативи и сите тие се поминати во собрание на ИВЗ. Нема само нормативи, односно нема правилник за избор на реис ул улема. Само тој правилник го немаме. Зошто? Како муфтиите што имале резибор во 2009 година и тој требаше да се подготвува за резибор во 2011 година и да се изготви правилник за избор на реис – објаснува привремениот реис на ИВЗ, Африм Тахири.

На прашање зошто од 2011 година досега чекале и не зборувале за овие неправилности, Тахири тврди дека тој лично зборувал со реисот за тоа, но не наишол на рзбирање.

– Тој постојано мислеше дека јас мислам за мене, дека имам амбиици. Не станува збор за амбиции туку за функционирање на правниот систем – вели Тахири.

За неговото разрешување, скопскиот муфтија вели дека тој не може да биде разрешен ниту од реисот, ниту од реисатот, бидејќи според новиот устав на ИВЗ, тој има доживотен мандат.

– Мене не може да ме разреши реисатот. Јас како муфтија на Скопје, сум еден од првите членови на реисатот. Мене не може да ме разреши реисот. Никој не може да ме разреши. Не може со гласање да ме разрешат. Мене никој не ме повика јас да кажам што имам. Прашајте го реисатот зошто ме разрешил. Јас има притисок од членовите на муфтиството, од оџите, од верниците. Јас во реисетот го претставувам целото Скопје. Не се случајни овие луѓе, не сум ги викнал јас. Ако треба со денови ќе бидат тука, додека реисот не даде оставка. Тој нема морално право и законски да ја води оваа иснтиуација. Тој бара дупки, бара луѓе, бара поддршка. Но поддршка, нема од никаде. Ние го чекаме тука, но тој не доаѓа. Тој вчера држел седница во медресата, па на Факулетот за исламски верски науки. Ги викнал муфтиите, а ние навикнати сме да го почитуваме, демек ја има поддршката. Но, тој ја нема поддршката ниту од реисатот.
Јас сум сигурен дека и тие не се согласуваат да одлучат некоја работа на седница без да биде повикан скопскиот муфтија – вели скопскиот муфтија Ибрахим Шабани.

Поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, синоќа имаше средба со реисатот на која во присуство на 12 муфтии го осуди упадот во просториите на ИВЗ.

Како што пренесува „Телма“, Реџепи изјавил дека зад вчерашните случувања стои група која е изманипулирана и политички злоупотребена за поттикнување конфликт.

Според него, групата која направи упад во ИВЗ има поддршка од полицијата бидејќи, како што рече, иако добиле наредба од Обвинителството да дејствуваат, не направиле ништо за да ги остранат луѓето од ИВЗ.

– Имам информации дека Јавното обвинителство и Јавниот обвинител ја имаат завршено својата работа и нивната одлука треба да се имплементира, да се изврши. Како што изгледа, оваа работа се одолговлекува. Им давам можност на институциите на редот да докажат дека се во служба на правдата, пред реисетот да преземе чекори за враќање на имотот на ИВЗ – изјави Реџепи.

И претседателот на Собранието на ИВЗ, Хаки Агуши, го осуди денешниот упад во Скопје.

– Верувам дека нема ниту еден оџа, ниту еден муслиман што се согласува со ова, бидејќи има и други методи за да се дојде до договор, а да не се користи насилство – рекол Агуши.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...