Севернокорејски генерал со две ѕвездички минатата година побегал во Јужна Кореја и со тоа станал највисок воен офицер од Пјонгјанг кој пребегал, соопшти денеска јужнокорејската влада.

Во соопштението, во кое не се открива идентитетот на офицерот, се наведува дека бил вработен во севернокорејскиот Главен разузнавачки уред и бил задолжен за шпионирање на Сеул, пренесува јужнокорејската агенција „Јонхап“.

Информацијата ја потврдија портпаролите на јужнокореските министества за одбрана и за обединување.

– Тоа е највисок воен претставник кој пребегал на југ – изјавил јужнокорејскиот претставник за „Јонхап“.