fbpx

Северна Македонија нема да се повлече од „Отворен Балкан“ и покрај ставот на Србија кон Русија

-

Владата на Северна Македонија нема да се повлече од „Отворен Балкан”, без оглед на ставот на Србија за невоведување санкции кон Русија, како што направи Западот вклучувајќи и Албанија или и самата Северна Македонија, поради агресијата врз Украина. Според Владата на РСМ, ставот на Србија во однос на ситуацијата во Украина е внатрешна работа, пишува Порталб.мк.

„За тоа каков став ќе заземе Србија, или која било друга земја, во однос на агресијата врз Украина е нејзина внатрешна работа. Со Србија имаме одлични пријателски односи меѓу двете земји и двата народа и констатиравме дека во последните две години има интензивирање на соработката особено на економски план“, рекоа за Порталб.мк од Владата на Северна Македонија.

Според нив, „Отворен Балкан“ за двете земји придонесува за регионалната соработка на земјите, преку спроведување на европските вредности.

„Отворен Балкан“ придонесува за продлабочување на соработката, преку отворање можности за поголема конкурентност на регионот на европскиот пазар и на другите светски пазари и во делот на привлекување странски инвеститори. Добрососедските односи се важни за одржување на стабилноста и мирот во регионот и Европа.

Србија, за разлика од повеќето европски земји, не воведе санкции кон Русија, поради неиспровоцираната окупација на Украина.

И Албанија нема намера да го напушти „Отворен Балкан“ поради односот на Србија кон Русија.

„Не ни недостигаа информации околу надворешната политика на Србија кога го започнавме овој процес. Не чекавме да биде нападната Украина за да ги дознаеме врските на Србија со Русија. Според прелиминарните информации што ги добив, претседателот на Србија зборувал за територијалниот интегритет на Украина. Што се однесува до напредокот на Отворен Балкан, ова е прашање што чека и нема потреба за итно донесување на заклучоци не само во однос на Србија, туку и за начинот како ќе се одвива овој процес“, рече премиерот Еди Рама на 25  февруари.

Тој додаде дека „Отворен Балкан“ не е проект за создавање организација како мала ЕУ или нова Југославија.

„Не сме во „Отворен Балкан“ за да ја направиме Србија сојузник на САД. Немаме намера да го промениме нашиот однос кон Москва. Ние воопшто не сме во ова. Не ни размислувавме за тоа“, додаде Рама.

Претходно, во септември минатата година, кога премиер беше Зоран Заев, Северна Македонија исто така одби да се повлече од „Отворен Балкан“ поради случувањата во северот на Косово, каде Србите повеќе од осум дена ги блокираа граничните премини Јариње и Брњак, во знак на протест поради одлуката на косовската Влада да воведе мерки на реципроцитет на српските регистарски таблички. Тогаш Заев рече дека го поддржува дијалогот меѓу двете земји.

Во споредба со настаните на северот, ситуацијата е сега многу посериозна, со оглед на тоа што високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел на 27 февруари рече дека кризата во Украина може да се прошири и во други земји, вклучувајќи го и Западен Балкан.

Стравот од ширење на кризата пред сè се однесува на Босна и Херцеговина и Косово, две земји кои имаат несогласувања со рускиот сојузник број еден на Балканот, Србија.

Босна и Херцеговина поради Република Српска, додека Косово поради немање контрола на северот. Двете земји одбиваат да бидат дел од „Отворен Балкан“, бидејќи според нив со тоа се зајакнува Србија. Тие го поддржуваат учеството во берлинскиот процес.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...