Северна Македонија е помеѓу 41 земји учеснички кои ќе бидат дел од музичката манифестација „Евросонг 2022“. Европската радиодифузна унија (ЕБУ) ја објави листата на земји кои ќе имаат свои претставници на најголемиот европски музички натпревар што догодина ќе се одржи во Италија.
За домаќин на 66. издание на изборот за песна на Евровизија е избран градот Торино.
Италија го доби правото да ја организира манифестацијата откако групата „Манескин“ ја однесе победата за оваа земја со песната „Zitti e Buoni“ на натпреварот кој се одржа во мај годинава. Со ова, Италија по трет пат ќе биде домаќин на „Евровизија“, откако ги организираше и натпреварувањата во 1965 година во Неапол и во 1991 година во Рим.
На „Евровизија 2022“ ќе учествуваат сите 39 земји кои беа дел од манифестацијата и годинава, а догодина на натпреварувањето се враќаат и Црна Гора и Ерменија. Помеѓу балканските земји Босна и Херцеговина е единствената која нема да биде дел од музичкиот натпревар, откако последното учество на „Евровизија“ го имаше во 2016 година.
Полуфиналињата од „Евровизија 2022“ ќе се одржат на 10 и 12 мај, додека големото финале е предвидено да се случи на 14 мај во „Пала Олимпико“, една од најголемите затворени арени во Италија.
Повеќе информации околу новото издание на Евровизија од ЕБУ најавуваат во текот на следните месеци.
Од Македонската радио телевизија (МРТ) сè уште нема информации околу учеството на Северна Македонија на „Евровизија“ и изборот на претставникот. Наш претставник годинава беше Васил Гарванлиев, кој со изведбата на „Here I Stand“ не се пласираше во финалето и со вкупно 23 поени се најде на претпоследното место во првата полуфинална вечер.
Во последните десет години земјава само два пати се пласираше во финалето на „Евровизија“ – со Калиопи во 2012 година и Тамара Тодевска во 2019.