Фото: torstensimon на Pixabay

Додека граѓаните на Северна Македонија чекаат да бидат имунизирани преку вакцини, бројот на нови случаи на ковид-19 значително се намали во овој период. Иако недостасуваат вакцини, планот за вакцинација е подготвен. Според надлежните, Северна Македонија преку програмата COVAX обезбедила 833.000 вакцини за своите граѓани, пишува „Порталб.мк“.

Обезбедувањето вакцинација за 20 отсто од населението, според одлуката на Владата за определување средства, ја чинеше земјата 7,9 милиони евра. Набавката преку програмата COVAX ќе чини 10 долари по единица, трошок за кој Северна Македонија плати аванс од околу 1,1 милиони евра, без вклучен транспорт на дозите што треба да пристигнат во Скопје. Северна Македонија е дел од програмата Гави COVAX и е на списокот на 44 земји кои ја објавија оваа соработка во јавноста.

Кога треба да пристигнат првите дози на вакцини?

На почетокот на ноември 2020 година, македонските власти ветија дека првите вакцини од програмата COVAX ќе пристигнат во јануари или февруари 2021 година. Еден месец подоцна, во декември, беше објавено дека вакцините во Северна Македонија ќе пристигнат во март, додека во јануари ќе пристигнат специјални фрижидери за складирање на вакцините, како донација од американска фондација.

На прес-конференција во втората недела од јануари, министерот за здравство Венко Филипче увери дека првите дози на вакцината ќе пристигнат во февруари благодарение на директниот договор меѓу Северна Македонија и „Фајзер“. Кон крајот на јануари, македонските власти објавија дека започнале сериозно да размислуваат за набавка на вакцините против ковид-19 од кинеските производители „Синовак“ и „Синофарм“.

„Очекуваме детали во однос на договорот, во врска со цената и испораката и верувам дека кон крајот на оваа недела ќе ги имаме сите овие детали. Сега не би сакал да зборувам за рокови, но во суштина е јасно дека производителите кои први успеаја да влезат на пазарот, станува збор за „Фајзер“, на пример, имаат проблеми со капацитетот. Многу европски земји предупредуваат на тужби за непочитување на договорите, Хрватска ќе го прекине процесот на имунизација и тоа е нешто што нè тера да работиме буквално во сите области за да обезбедиме интегрален процес, без прекин, од моментот кога започнува имунизацијата, се разбира со сите безбедни вакцини“, изјави министерот Филипче во емисијата „360 степени“.

Во рок од 3 месеци, властите треба да бидат мобилизирани да го менаџираат процесот на вакцинација. Од Министерството за здравство велат дека: „Според спецификите на оваа вакцина против ковид-19, ќе се спроведе брз процес на обука за вакцинација за целиот медицински персонал“.

За да се спроведе овој план, треба да се направат некои измени, кои Министерството за здравство ги претстави на седницата на Владата. Во моментов Македонија има само фрижидери за чување на анти-ковид вакцините.

Кои земји ветија дека ќе донираат вакцини?

Меѓу првите земји кои ветија дека ќе споделат со Македонија дел од 100 милиони вакцини обезбедени од ЕУ за европски земји кои не се членки на ЕУ, беа Полска и Грција. Иако оваа понуда беше предложена на почетокот на декември, досега нема конкретен чекор од земјите кои понудија помош.

Соседна Бугарија беше друга земја-членка на ЕУ, која соопшти дека ќе донира дел од својата анти-ковид вакцина за Северна Македонија. Одлуката во која се наведува дека вакцините против ковид-19 во Северна Македонија ќе пристигнат во исто време како и во другите земји-членки на ЕУ, бугарските власти ја потпишаа за време на владината седница во Софија, на која присуствуваше и министерот за здравство, Венко Филипче, на 12 декември 2020 година. Сепак, и ова ветување не се исполни.

На 18 јануари 2021 година, премиерот Зоран Заев објави дека Србија одлучи да се солидаризира со Северна Македонија и дека 8.000 вакцини произведени од „Фајзер“ ќе бидат купени по иста цена како што ги купи Србија од американската фармацевтска компанија.

„Претседателот Вучиќ се согласи да ѝ помогне на нашата земја со вакцини. Тој првично рече дека сакаат да ни ги донираат овие дози, ние му се заблагодаривме за тоа, но ние сепак сме држава – имаме пари и ќе ги платиме. После тоа, тој потврди дека ќе ни ги продадат по набавната цена што ги купила Србија. Следуваат деталите за кои ќе разговараат министрите за здравство“, изјави Зоран Заев за медиумите.

Неколку дена подоцна, премиерот Заев повтори дека 8.000 вакцини од Србија се очекува да пристигнат во Скопје од ден на ден. Дури беше одлучено и како ќе се транспортира контингентот со вакцини. Сепак, дури и по неколку недели, вакцините од Србија не пристигнаа во Скопје.

Каков е планот за имунизација на населението?

Иако недостасуваат вакцини, планот за вакцинација е подготвен. Националниот план за имунизација предвидува 1,2 милиони граѓани од земјата да се вакцинираат во рок од 24 месеци. Вакцината ќе биде бесплатна и нема да биде задолжителна, па граѓаните сами ќе одлучат за имунизацијата. Владата најави дека вакцинацијата ќе се спроведе во три фази, кои вклучуваат три приоритетни групи граѓани.

Во првата фаза, ќе се вакцинираат здравствените работници кои имаат висок ризик да се заразат со ковид-19, како и лицата постари од 70 години кои имаат висок ризик од развивање на болеста, компликации и смрт.

„Како приоритет, веќе ги имаме со име и презиме здравствените работници кои ќе ги примаат вакцините, тука во Клиничкиот центар на една локација, додека во другите градови во здравствените домови каде се применуваат вакцините“, нагласи Филипче.

Тој исто така рече дека во однос на другите граѓани во согласност со нивната возраст и здравствениот статус, составен е список со имиња и презимиња на околу 14 илјади лица кои ќе бидат повикани од матичните лекари да се вакцинираат.

Филипче објасни дека во втората фаза е предвидена вакцинација на групата граѓани постари од 65 години, кои се изложени на висок ризик од развивање на болеста.

Исто така, во оваа фаза се вклучени лица од 20-65 години кои имаат коморбидитети или имаат висок ризик од развој на болеста.

Покрај тоа, втората фаза вклучува здравствени работници со умерен ризик од инфекција, вработени во институции од витално значење за нормалното функционирање на општеството, како и вработени во образовните институции вклучени во физичкото образование и вработените во градинките.

Во третата фаза се планира да се вакцинираат вработени во други институции неопходни за нормално функционирање на општеството, други вработени во образованието, ниско ризични здравствени работници, социјални групи со поголем ризик од инфекција, како и индивидуи здрави луѓе на возраст од 30 до 64 години.

Министерот Филипче исто така рече дека е развиена безбедна логистика за прием, складирање и дистрибуција на вакцини на локациите каде ќе се изврши вакцинацијата.

Тој рече дека за вакцините кои треба да се чуваат на температура од 2-8 °С ќе се користи постојната здравствена инфраструктура. Во однос на вакцините што треба да се чуваат на температура од -70 °С или -20 °С, Филипче рече дека се обезбедени фрижидери кои ќе овозможат централно складирање на вакцините, од каде што ќе бидат дистрибуирани на локациите каде што се прави вакцинацијата.