фото: Мин за финансии

Протокол за усогласување на Спогодбата меѓу Северна Македонија и Швајцарија за избегнување на двојно оданочување, според новата даночна конвенција на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и БЕПС стандардите, денеска потпишаа министерот за финансии, Фатмир Бесими и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада.

Со овој документ треба да зајакнат одредбите за избегнување на двојно оданочување на данокот на доход и на данокот на капитал меѓу двете земји, како и поголема даночна транспарентност и фер даночен третман.

„Со зајакнување на одредбите за избегнување на двојно оданочување ќе се овозможи подобро следење на даночната основа и фер распределба на профитот меѓу двете земји. Спречувањето на доделување на договорни поволности во несоодветни околности е од исклучително значење за билатералната економска соработка, како и за градењето на фер даночен систем“, рече Бесими.

Според Зутер Техада, ревизијата на Спогодбата за двојно оданочување која е во согласност со последните меѓународни стандарди, ќе ги зајакне економските односи меѓу двете земји. 2Швајцарија е посветена на спроведувањето на последните меѓународни стандарди во својата мрежа на договори за двојно оданочување“, изјави таа.

Протоколот предвидува усогласувања во размената на информации меѓу надлежните даночни органи на двете земји, согласно меѓународните стандарди со конвенцијата на ОЕЦД и БЕПС, како и усогласувања за олеснето спроведување на процесите уредени со спогодбата во пракса.

РСМ во август 2018 година стана 117-та земја членка на БЕПС Инклузивната рамка, пакет составен од 15 мерки со активности кои им помагаат на земјите во справувањето со можностите за одбегнување на плаќањето на данок.

Досега РСМ има потпишано билатерални договори за избегнување на двојно оданочување со 49 земји и голем дел од нив се по застарени стандарди. Со усогласување на договорите со новата Конвенција на ОЕЦД, се дава дополнителна заштита против двојното неоданочување.