Извор на фотографија: Влада на РСМ

Денеска во Брисел се одржува Самит на НАТО, на кој за првпат ќе учествува Северна Македонија како полноправна членка на НАТО. Нашата држава ќе ја претставува премиерот Зоран Заев, а во делегацијата се и министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. „

Рамо до рамо со нашите сојузници, целосно сме посветени на колективната безбедност. Затоа што ние сме НАТО. Заедно сме посилни“, напиша Заев на неговиот фејсбук профил.

Лидерите на 30-те земји членки ќе разговараат за иднината на Алијансата и нејзините предизвици, а според генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, целта на Самитот да се постигне усогласеност за амбициозната агенда за 2030-та година, во однос на безбедноста и одбраната. Тој на лидерите ќе им претстави низа предлози, како и зајакнување на политичката димензија на Алијансата, засилување на колективната одбрана и отпорноста на земјите членки во однос на инфраструктурата.

Меѓу клучните теми за разговор се сајбер безбедноста, климатските промени и зголемување на буџетските стапки на земјите членки за одбраната, но и односите со Русија и Кина. Во однос на буџетот наменет за воени цели, веќе е постигната согласност за негово зголемување на 2 отсто од БДП на земјите-членки, до 2024 година.

„Сите предизвици бараат постојано зголемување на инвестициите во одбраната. Последните седум години се зголемени расходите и се додадени 260 милијарди долари од 2014. Но, треба да инвестираме уште повеќе за да ја постигнеме нашата висока амбиција“, изјави Столтенберг и изрази увереност дека ќе се постигне усогласеност за амбициозната агенда 2030.

Во врска со Самитот, Белата куќа соопшти дека членките на НАТО треба да започнат „амбициозен пакет иницијативи“, со цел да се осигура дека Алијансата ќе продолжи да ја одржува безбедноста до 2030 година, но и после тоа. Од таму поочуваат дека треба да се преиспита стратешкиот концепт, кој вклучува став кон агресивната политика и активности на Русија, како и предизвикот што Кина го поставува кон колективната безбедност, просперитет и вредностите на земји членки.

Новиот Стратешки концепт треба да биде подготвен за усвојување на Самитот на НАТО во 2022 година.