Претседателот на Северна Кореја Ким Џонг-ун војниците кои се борат заедно со Русија во војната во Украина ги нарече херои, на церемонија во чест на војниците кои неодамна се вратија од конфликтот, соопштија државните медиуми.
Севернокорејскиот лидер изјави во говорот оваа недела дека неговите војници покажале борбен дух на хероите за време на нивната операција за повторно преземање на рускиот регион Курск од украинските сили – кои таму воспоставија упориште минатата година – соопшти државната новинска агенција KCNA.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун разговараше со рускиот претседател Владимир Путин по телефон на 12 август. Путин ги пофали херојските севернокорејски војници кои се борат против Украина во писмо до Ким Џонг-ун.
Ким положи цвеќе на споменикот за севернокорејските војници кои загинаа во странство, додека војниците кои се вратија од Русија беа почестени со концерт, соопшти KCNA, додавајќи дека роднините на војниците убиени во акција биле меѓу присутните на банкетот.
Настаните беа најновата јавна демонстрација на благодарност од страна на режимот во Пјонгјанг, за разлика од таинственоста на улогата на Северна Кореја на почетоците од војната.
Ким и Путин потпишаа договор за взаемна одбрана минатата година, а во април оваа година, Северна Кореја за прв пат потврди дека распоредила контингент војници на фронтовската линија во Украина за да се борат заедно со руските трупи.
Пјонгјанг испрати повеќе од 10.000 војници во рускиот регион Курск во 2024 година, според јужнокорејските и западните разузнавачки агенции, заедно со артилериски гранати, ракети и ракетни системи со долг дострел.
Околу 600 севернокорејски војници се убиени од вкупно 15.000 распоредени војници, соопштија јужнокорејските пратеници во април, повикувајќи се на разузнавачката агенција на Јужна Кореја.
