„Сестри“ ја освои публиката на грчкиот филмски фестивал „Панорама“

Фото: Фејсбук профил на „Лист продукција“

Македонскиот филм „Сестри“ во режија на Дина Дума на 34-то издание на грчкиот фестивал за европски филм „Панорама“ ја освои наградата од публиката, „Audience Prize“.

Фестивалот годинава се одржа онлајн од 27 јануари до 2 февуари. Филмот беше прикажан преку платформата Cinesquare, признанието го доби од страна на читателите на филмското списание „Атинорама“.

„Првиот долгометражен филм на Дина Дума е изборот на читателите на „Атинорама“. Богат, тематски, цврст но во исто време и нежен на кул начин го пренесува проблемот на сексуалното будење кај девојчињата, и ја опишува деликатната положба во општеството каде и тинејџерите и возрасните го бараат своето место. Приказната е претставена со карактеристично штедење на говор и слики и осветлување што ги следи психолошките промени на карактерите, додека монтажата му дава ритам на филмот што го претвора во информативен трилер со „борба“ на социјалните мрежи. Глумата на Антонија Белазелкоска и Миа Жиро иако аматерска е одлична како и кинематографијата на Наум Доксевски.“, пишува на официјалната страна на „Панорама фестивал за европски филм“.

Продуциран од „Лист продукција“, „Сестри“ својата светска премиера ја имаше во август на меѓународниот филмски фестивал во Карлови Вари, воедно најпрестижниот фестивал во централна и источна Европа, каде ја освои Специјалната награда на жирито во програмата Источно од Западот. Тој стана првиот македонски филм достапен на платформата „Нетфликс“ и беше македонскиот кандиадт за Оскар за филмови од 2021 година. Овој месец се наоѓа на репертоарот на Кинотека на Северна Македонија.