Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Босанскиот сервис за борба против дезинформациите „raskrinkavanje.ba“ пронајде многу интересен пример за „сериско дезинформирање“, односно еден портал кој дури осум пати во последните три години објавил лажни вести за самоубиства на хашките осуденици Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.

„Содржините на анонимниот портал „Originalno“ повеќе пати беа предмет на нашите анализи, поради измислување на фатални сообраќајни несреќи во кои наводно животите ги загубиле познати личности во регионот, а потоа и поради „крајот на светот“ на Балканот“, објаснува „Rraskrinkavanje.ba“.

Вниманието овој портал повторно им го свртел на 4 февруари, кога повторно објавил вест за наводно самоубиство на Радован Караџиќ. Притоа се повикал на „српските медиуми“,кои наводно напишал дека Караџиќ се самоубил во својата соба во Хаг, а затворските чувари не стасале на време и не можеле да го спасат.

Само пет дена претходно, на 30 јануари, „Originalno“, објавил идентична лага, само што тој пат „се самоубил“ Ратко Младиќ. Двете „вести“ се инаку со идентична содржина, само што кај Младиќ, самоубиството било „пред неговата соба“. Иста лажна вест била објавена и на 12 декември минатата година, на 16 октомври 2018. Првото нејзино објавување било на 16 јуни 2017 година, потоа е репризирана на 5 јули истата година, а Радован Караџиќ првпат „се убил на 3 август 2017 година.

Инаку, две од вестите биле придружени со видео на кое може да се види само дека е снимано во природа, а кое порталот го додавал на многу вести, на пример, веста за лажното апсење на министерот за безбедност на Босна и Херцеговина. На другите вести се прикачени видеа кои немаат врска со наводната вест, односно прикажуваат тепачки или полициски проверки на автомобили.