Набљудувачите на граѓанската асоцијација „Мост“ во текот на денешното гласање забележале гласање на гласачи кои не биле запишани во избирачкиот список, некои избирачки одбори не ги проверувале гласачите дали имаат траги од мастило како доказ дека гласале претходно, на некои избирачки места била нарушена тајноста на гласањето, а имало и обиди за семејно гласање.

Набљудувачите на „Мост“, исто така, забележале дека членови на избирачки одбори од политички партии ги евидентирале гласачите во посебен список.

–  На гласачкото место 0677 во општина Кавадарци, гласањето било прекинато 30 минути бидејќи еден гласач го скинал ливчето од член на семејството, сакал да ја искрши и кутијата, но бил спречен од избирачкиот одбор. Гласачот го напуштил гласачкото место со скинатото ливче. Била повикана полиција која направила записник и гласањето продолжило – велат од „Мост“.

Оттаму нотираат дека имало обиди и за поткуп и агитација, особено кон гласачи од ромска националност.

– Во текот на денот на бесплатната телфонска линија 080 080 080 и на neregulranosti.most.org.mk беа примени 60 пријави за граѓани кои не се запишани во избирачкиот список – велат од „Мост“.