Фото: СЕП

Секретаријатот за европски прашања ќе ги дигитализира услугите кои ги нуди, па така отсега регистрацијата на проектите од странските донатори ќе може да се врши и по електронски пат.

Услугата е изработена во рамки на проектот „Дигитализација во јавниот сектор во Северна Македонија за непречено функционирање”, финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на британската амбасада во Скопје, а е имплементиран од Центарот за управување со промени, во соработка со СЕП.

Денеска беше извршена онлајн презентацијата за начинот на кој што ќе се воведе електронски начин на регистрација на проекти во СЕП.

На настанот, покрај вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров се обратија амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј, извршната директорка на Центарот за управување со промени, Неда Малеска Сачмароска и професорот на ФИНКИ, Гоце Арменски, со чија поддршка и експертиза во соработка со СЕП беше развиена оваа електронска услуга што е веќе достапна за сите корисници.

Вицепремиерот Димитров ги потенцираше придобивките од воведувањето на оваа електронска услуга како дел од процесот на дигитализација што е неминовна потреба за обезбедување на квалитетни услуги кон граѓаните.

„Регистрацијата на проектите финансирани со неповратни парични средства од странски донатори е особено важна бидејќи е единствената услуга на СЕП наменета пред сѐ за граѓанскиот сектор, но и други корисници“, рече Димитров.

Тој смета дека со воведувањето на електронски начин за регистрација на проекти почнува една успешна дигитална приказна што ќе обезбеди побрз и поедноставен пристап во целокупниот процес, ќе обезбеди поголема ефикасност во давањето на јавните услуги, успешно менаџирање на влијанието на човечкиот фактор и надминување на застојот, како и проблемите со институционалната меморија.

​Димитров најави дека следната фаза во процесот на развивање дигитален пристап за регистрација на проекти во СЕП е поврзување на оваа електронска услуга со системот на Управата за јавни приходи, со што дополнително се намалува времетраењето на целата постапката за ослободување од плаќање на даноците.

„Дигитализацијата на процесот ќе придонесе и до поквалитетно следење на исполнувањето на стратешките приоритети на државата од аспект на нашата ЕУ агенда, како и подобро планирање и координација на странската помош“, вели Димитров.

Тој посочи дека во тек е и подготовка на интегрирана НПАА платформа за управување со процесот на преговори со која ќе се надградат постојните бази и  ќе се развијат нови функционалности и интероперабилни системи.