Дебата за продолжување на постапката за отповикување на Доналд Трамп во Сенатот, 9 февруари 2021. Фото: Скриншот од видематеријалот на Сенатот

Сенатот го ослободи поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп за обвинението дека ги поттикнал немирите на шести јануари во Капитол хил, во кој имаше и загинати. На судењето, 57 сенатори гласаа дека Трамп е виновен, а 43 против. Иако имаше повеќе гласови за покренување обвинение, сепак за Трамп да биде отповикан требаше да гласаат 67 од стоте сенатори.

По повод одлуката на Сенатот да го ослободи Трамп од одговорност, актуелниот претседател на САД, Џо Бајден рече дека „ова тажно поглавје од нашата историја нè потсетува дека демократијата е кревка“.

„Дури и оние кои се спротивставија на отповикувањето, како што е лидерот на малцинството во Сенатот, Мич Меконел, се убедени дека Доналд Трамп е виновен за срамно занемарување на должноста и дека тој е практично и морално одговорен за предизвикување бран насилство на Капитол Хил“, рече Бајден.

На шести јануари годинава, десетици илјади приврзаници на американскиот претседател Доналд Трамп се собраа во Вашингтон во последен обид да обезбедат пресврт во резултатите од претседателските избори на кои победи Џо Бајден. При насилниот влез во зградата на Конгресот, загинаа пет лица, меѓу кои една жена која беше застрелана од полицијата и еден загинат полицаец, член на обезбедувањето на Конгресот.

Трамп подоцна рече дека како и сите Американци, е револтиран од насилството и беззаконието при нападот врз Конгресот на САД.

„Америка е и секогаш мора да биде нација на редот и законот. На демонстрантите кои се инфилтрираа во Конгресот: вие го осквернавивте седиштето на американската демократија. На оние кои се вклучуваат во акти на насилство и уништување: вие не ја претставувате нашата земја. И на оние што го прекршија законот: ќе платите“ изјави Трамп.