Сенатот гласаше да му се суди на Трамп – постапката за отповикување продолжува

Дебата за продолжување на постапката за отповикување на Доналд Трамп во Сенатот, 9 февруари 2021. Фото: Скриншот од видематеријалот на Сенатот

Судењето во Сенатот на доскорешниот претседател на САД, Доналд Трамп, е уставно правилно и ќе се одржи во рамките на постапката за негово отповикување, поради поттикнувањето на насилствата на Капитол Хил на 6 јануари и упадот во Конгресот, реши Горниот дом на Конгресот, односно парламентот на САД, јавија светските медиуми.

Мнозинството сенатори не се согласија со аргументацијата на адвокатите на Трамп, и за продолжување на втората постапка за отповикување (импичмент) почната против Трамп покрај 50-те демократи, „за“ гласаа и ишестмина републиканци. 44 републикански сенатори беа против. Со ова, за разлика од првата постапка за отповикување во 2019 година, кога Сенатот не го одобри отповикувањето, сега постапката ќе се води до крај и ако биде прогласен за виновен, Трамп ќе биде првиот претседател што бил отповикан. Претходно постапки се водени и за претседателите Ендрју Џонсон и Бил Клинтон, но тие не се прогласени за виновни на судењето во Сенатот.

Постапката за отповикување на Трамп започна со гласањето во Претставничкиот дом, долниот дом на парламентот на САД, кога со 232 гласа за наспроти 197 гласа против ова тело го отповика Трамп, а постапката продолжи во Сенатот со вчерашното гласање. Сега и Трамп и неговите поддржувачи, но и Демократите треба да ги презентираат своите аргументи во период од 16 часа, почнувајќи денеска напладне по вашингтонско време, и некаде пред викендот сенаторите би требало да почнат да поставуваат директни прашања до двете страни, по што би се решавало за неговата вина. Гласањето би можело да се одржи веќе в понеделник.

Демократите го обвинуваат Трамп дека на 6 јануари ги подбуцнал своите поддржувачи да упаднат во Капитолот. Доколку биде донесена пресуда против Трамп, тој во иднина не би смеел да врши јавни функции во иднина.

Меѓутоа, прогласувањето на Трамп за виновен е речиси исклучено, затоа што за тоа би било неопходно двотретинско мнозинство во Сенатот, во кој Демократите и Републиканците имаат по 50 сенатори. Тоа значи дека со ставовите на демократите би требало да се согласат дури 17 републикански сенатори, што се смета за малку веројатно.