Најголем дел од жалбите кои лани стигнале до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), се однесуваат на интернет порталите – за онлајн медиумите минатата година стигнале вкупно 66 жалби. Најголем предизвик за новинарите, пак, и понатаму останува членот 1 од Кодексот на новинарите, кој се однесува на обезбедувањето точни и проверени информации и за кој се утврдени најмногу прекршувања.
Ова беше истакнато на денешната прес-конференција на СЕММ на која беше презентиран статистичкиот преглед за пристигнатите и обработени жалби во 2024 година. Според Советот, забележан е помал број на пријави во споредба со претходната календарска година: во 2024 до Комисијата за жалби при Советот стигнале вкупно 84 жалби.
Од нив, комисијата донела одлука во 59 случаи, додека за останатите 25 не започнала постапка.
Дека жалбите биле основани, Комисијата утврдила во 33 случаи, а за 21 жалба било констатирано оти нема прекршувања. Пет жалби, пак, биле решени по пат на медијација, односно помирување меѓу страните.
„Статистиките се индикатор за тоа како работи и каков е медиумскиот пејзаж во земјава. Овие бројки само ги рефлектираат поплаките поднесени до Комисијата за жалби,пристигнати кај нас, а не реалната состојба на терен. Ова значи дека многу случувања и објави кои ја загрозуваат етиката остануваат нерегистрирани или нерешени. Намалениот број на поплаки може да се објасни со различни фактори, почнувајќи од активностите со изборниот процес и други општествени процеси“, рече Леунора Калиќи, претседателка на Управниот одбор на СЕММ.
Според неа, една од клучните заложби на Советот е решавање на поплаките преку медијација, а СЕММ ќе продолжи да работи на унапредување на медиумската култура, транспарентност и одговорност.
„Затоа што, често, медиумите не објавуваат содржини намерно непрофесионално и неетички, тоа можеби некогаш е поради притисок на време и други околности. Затоа, медијацијата е важен инструмент за корекција и соработка наместо за конфронтација“, изјави Калиќи.

Според типот на медиуми, најмногу жалби пристигнале за интернет порталите – вкупно 66. За телевизиите во 2024 година до СЕММ стигнале 8 жалби, за печатените медиуми и нивните веб-изданија – 6, додека за веб-страниците на телевизиите – 4 жалби.
„На некој начин, владее некое мислење дека онлајн медиумите се најголеми прекршители, но тоа е така затоа што најмногу жалби се за онлајн медиумите. Мојата претпоставка е дека тоа се должи повеќе на фактот дека е многу полесно од онлајн текстовите да се обезбеди копија или скриншот од текстот што жалителот го обжалува и да го поднесе до комисијата, отколку, на пример, за некакво прекршување на телевизија за што ви треба некаква снимка, доказ и така натаму. Освен тоа, телевизијата е и предмет на законска регулација и оттаму сметам дека на некој начин, со текот на годините, тие редакции, бидејќи се свесни за законската регулација, прават многу помалку прекршувања“, рече Снежана Трпевска, претседателка на Комисијата за жалби при СЕММ.
Организации, здруженија и граѓани – најчести подносители на жалби за објави во медиумите
Најчести подносители на жалби биле организации и здруженија од граѓанскиот сектор, кои минатата година поднеле вкупно 27 жалби. Од граѓани, пак, лани стигнале 26 жалби до надлежната Комисија во СЕММ. Од јавни институции и носители на јавни функции пристигнале вкупно 17 жалби, за разлика од претходната 2023 година кога стигнале само две.
„Забележавме еден тренд за кој вреди да се дискутира – има јавни институции или носители на јавни функции кои по природата на својата позиција треба да се предмет на критичка опсервација на медиумите, но некои од нив систематски ги следат медиумите и испраќаат жалби до комисијата. Тој тренд продолжува и во 2025 година, разговараме за ова прашање и сериозно водиме сметка“, додаде Трпевска.
Од медиуми и новинари во 2024 година пристигнале само четири жалби, многу помалку во споредба со 2023 година кога стигнале вкупно 22.
„Не би можела да кажам на што се должи тој помал број годинава, но, сепак, мислам дека е позитивен тренд на некој начин, затоа што и самиот Кодекс на новинарите вели дека новинарите не смеат да ги користат медиумите за пресметка со свои колеги или личности од својата професија“, рече Трпевска.
Од политичари и политички партии пристигнале вкупно осум жалби, додека од приватни компании во 2024 година не пристигнала ниту една.

Најчесто е прекршувањето на Членот 1 од Кодексот на новинарите на Македонија, што укажува на неточни и непроверени информации, немање „втора страна“ во приказната и отсуство на најмалку два меѓусебно неповрзани извори. Во вкупно 22 случаи било утврдено прекршување на првиот член од новинарскиот кодекс.
Следен член за кој има најмногу утврдени прекршоци во Комисијата за жалби при СЕММ (вкупно 8) е членот 13, односно било утврдено дека во толку случаи новинарите не правеле разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.
Со вкупно 6 пријави, високо котира и прекршувањето на членот 8 во кој се вели дека информирањето во случаи на несреќи, непогоди, војни, семејни трагедии, болести и судски постапки треба да биде ослободено од сензационализам.
„Би посочила два карактеристични случаја од минатата година. Првиот случај за кој изрековме прекршување се однесува на случај на самоубиство во друга држава и постои тенденција, медиумите, заради наслови и кликбејт, да изнесуваат многу детали за таквите случаи во самиот текст. Ние како комисија нагласивме дека тоа е исклучително сензитивна тема. Блиските на жртвите дополнително се трауматизираат и постојат ранливи категории поединци кај кои таа информација може да предизвика, односно да поттикне одредено однесување. Вториот случај е начинот за известување за рочиштето за убиството од предминатата година. Комисијата оцени дека со навлегување во детали и описи за тој настан, се вознемирува јавноста, но и блиските на девојчето кое беше убиено“, изјави претседателката на Комисијата за жалби при СЕММ.
Лажни пријави до СЕММ
Извршната директорка на СЕММ, Билјана Георгиевска, рече дека минатата година Комисијата за жалби добила повеќе „лажни жалби“ од лица кои лажно се претставуваат.
„Ги користат дури и јавните институции со високо значење, како МАНУ, Уставен суд, а сега имаме наводно од највисоката позиција во државата, но сето тоа ние сè уште не знаеме како да го решиме и како да постапиме. Јасно е дека некој го злоупотребува Советот за етика во медиумите, можеби за некакви свои цели, но во иднина ќе се обидеме да побараме помош и да утврдиме од каде потекнуваат ваквите лажни пријави“, рече Георгиевска.
Прекршувања има и на Насоките за етичко известување на онлајн медиумите, при што најмногу жалби има за објавувањето коментари од читатели под споделените вести на социјалните мрежи.
„Онлајн медиумот е одговорен и за содржините и коментарите поставени кон содржини на медиумот објавени на неговиот профил на социјалните мрежи“, се вели во член 20 од Насоките за етичко известување на онлајн медиумите.

Од СЕММ укажаа и на зголемениот број поднесени жалби од локалната власт во Град Скопје, при што појаснија дека, во посочените случаи, повеќе медиуми и новинари реагирале дека се доведени во нерамноправна положба и истото може да се толкува како обид за блокирање на известувањето за темите врзани за локалната власт.
Советот ги повика граѓаните и јавноста да ја користат алатката за поднесување на жалби до СЕММ.
