Семејствата на израелските заложници кои ги држи Хамас ги повикаа сите страни веднаш да го прифатат трифазниот договор што го наведе претседателот на САД Џо Бајден во петокот за ставање крај на речиси 8-месечната војна и враќање на нивните роднини дома, објави СиБиЕс њуз.
Меѓутоа, во соопштението од саботата, канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека трајниот прекин на огнот во Газа е неможен додека не се исполнат долгогорочните услови за завршување на војната, што изгледа дека го поткопува договорот што го поддржа Бајден.
„Условите на Израел за завршување на војната не се променети: уништување на воените и управувачките капацитети на Хамас, ослободување на сите заложници и обезбедување Газа повеќе да не претставува закана за Израел“, се вели во соопштението и се додава дека „според предлогот, Израел ќе продолжи да инсистира да се исполнат овие услови пред да се воспостави траен прекин на огнот“.
САД, Египет и Катар – сите кои се вклучени во посредничките разговори меѓу Израел и Хамас од почетокот на војната – објавија заедничка изјава во која ги повикаа „и Хамас и Израел да го финализираат договорот што ги отелотворува принципите наведени од претседателот Бајден“, нагласувајќи дека „овие принципи ги опфаќаат барањата на сите страни во договор што им служи на повеќе интереси и ќе донесе итно олеснување и на долготрпеливиот народ на Газа, како и на долготрпеливите заложници и на нивните семејства. Тој нуди патоказ за траен прекин на огнот и ставање крај на кризата“.
Во петокот, Бајден го претстави договорот предложен од Израел до Хамас, велејќи дека милитантната група „повеќе не е способна“ да изврши уште еден голем напад врз Израел. Тој го повика Хамас да постигне договор за ослободување на околу 100 преостанати заложници, заедно со телата на уште околу 30, во замена за продолжен прекин на огнот во Газа.
„Израел понуди сеопфатен нов предлог“, рече Бајден. „Тоа е патоказ за траен прекин на огнот и ослободување на сите заложници. Овој предлог е пренесен од Катар до Хамас“.
По говорот на Бајден, семејствата на заложниците изјавија за Асошиејтед прес дека времето истекува а товарот е на Израел и на Хамас да го прифатат договорот.
„Сакаме наскоро да видиме луѓе кои се враќаат од Газа живи“, изјави Гили Роман за АП. Неговата сестра, Јарден Роман-Гат, беше земена како заложник и ослободена за време на еднонеделниот прекин на огнот во ноември, но снаата на Јарден, Кармел Гет, сè уште е киднапирана.
„Ова може да биде последна шанса да се спасат животи. Затоа, сегашната состојба мора да се промени и очекуваме сите да се придржуваат до повикот на г-дин Бајден за прифаќање на договорот на маса, веднаш. Нема друг начин кон подобрување на ситуацијата. Нашето раководство не смее да не разочара. Но, главно сите очи треба да бидат насочени кон Хамас“, вели тој.