Семејството Мицотакис, сепак, нема еврејско потекло

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Токму кај нашиот јужен сосед се појави една крупна дезинформација, која беше брзо оповргната од грчкиот сервис за борба против лажните вести „Ellinika hoaxes“. Станува збор за лажно тврдење дека семејството Мицотакис, кое активно учествува во грчката политика и во грчките влади во последните пет-шест децении, и дало и грчки премиери, всушност има еврејско потекло. Всушност, семејството Мицотакис по бабина линија е поврзано со семејството Венизелос, кое исто така дало двајца грчки премиери. Константинос Мицотакис, дедото на сегашниот грчки премиер Киријакос Мицотакис, беше премиер на Грција од 1990 до 1993 година.

„Тврдењето дека Мицотакис се со еврејско потекло е дел од широко распространетиот мит којшто вели дека речиси сите грчки политичари, посебно во повоениот период, се Евреи“, појаснува „Ellinika hoaxes“, посочувајќи дека таквите гласини се најприсутни меѓу крајната десница, но некогаш наоѓаат свое место и на некои од попосетуваните веб-страници во Грција. Таков е примерот со новата статија што се појавила на неколку места, а се повикува на видео во кое контроверзниот новинар Спирос Хацарас изнесува такви тврдења.

„Дополнително, тој вели и дека Октомвриската револуција и погромот на малоазиските Грци се резултат на еврејски заговор“, појаснува грчкиот сервис за борба со лажните вести.

„Ellinika hoaxes“ објаснува дека семејната лоза почнува со Костис Мицотакис (1845-1898), чии родители морале да го напуштат Крит по востанието во 1841 година. Костис се оженил со Катико (Екатарини) Венизелос, сестра на Елефтериос Венизелос (кој исто така бил грчки премиер). Катико и Елефтериос се деца на Киријакос Венизелос, трговец и на Стилијани Плумидакис, која е од Терисо.

Киријакос К. Мицотакис (1883-1944), синот на родоначалникот Костис, се оженил со Ставрула Плумидакис, со која го раѓаат Константинос Мицотакис, дедото на сегашниот грчки премиер.

„На основа на сето ова, тврдењата дека Мицотакис се Евреи, се отфрлени“, тврди „Ellinika hoaxes“.