Семејствата на дел од загинатите и повредените во автобуската несреќа кај Ласкарци на 13 февруари годинава, во која 16 луѓе ги загубија животите, а 37 беа повредени, се изјаснија дека се приклучуваат на кривичниот прогон и на денешното судење рекоа дека ќе бараат отштета.

На следното рочиште закажано за 18 октомври ќе продолжи произнесувањето, кога треба да сведочат преживеаните патници.

За несреќата обвинети се шест луѓе – сопственикот на „Дурмо Турс“ Дурмиш Белули, вработениот во фирмата Ремзи Мифтари, возачот на автобусот Маноил Трифуновски и тројца вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски.

Според Обвинителството, сопственикот на фирмата една година бил свесен дека автобусот не бил технички исправен, но мислел дека и таков ќе го мине техничкиот преглед.