Извршниот директор на компанијата „Опен АИ“, Сем Алтман, зборуваше против својот ривал Илон Маск, еден ден откако го отфрли потенцијалниот договор што можеше да ја обликува иднината на вештачката интелигенција. Алтман, на групата инвеститори предводени од Илон Маск им кажа дека производителот на „ChatGPT“ не е на продажба, и покрај огромната понуда за купување од страна на Маск и групата.
„Илон пробува секакви работи долго време. Ова е најновата, знаете, овонеделната епизода. Мислам дека тој веројатно само се обидува да нè забави“, изјави Алтман за ТВ Блумберг во интервју на Самитот за акција за вештачката интелигенција во Париз, а пренесе Си-ен-ен.
Маск вчера објави дека води група инвеститори кои понудија да ја купат „Опен АИ“ за 97,4 милијарди долари.
Маск, кој е коосновач на „Опен АИ“, но потоа ја напушти компанијата, долго време се расправаше со Алтман и поднесе голем број правни жалби против него и „Опен АИ“, тврдејќи дека компанијата за вештачка интелигенција и нејзиното раководство погрешно ја претставиле „Опен АИ“ како филантропија.
„Опен АИ“ е управувана од непрофитна организација која контролира ентитет наречен „Опен АИ ЛП“ – профитна компанија која постои во структурата на поголемата компанија. Оваа компанија ја однесе „Опен АИ“ од практично безвредна до проценка од околу 100 милијарди долари за само неколку години, а Алтман се смета за „мозокот“ на ваквиот план и клучот за успехот на компанијата.
Маск тврди дека компанијата ја прекршила својата основачка повелба со барањето да оствари профит со своите алатки за вештачка интелигенција. Сега Маск ѝ е конкурент, бидејќи основаше своја компанија за вештачка интелигенција наречена „x.AI“.
Запрашан дали Маск пристапува кон својата стратегија за борба против „Опен АИ“ од позиција на несигурност, Алтман се согласи и го омаловажи својот конкурент.
„Веројатно целиот негов живот е од позиција на несигурност. Сочувствувам со момчето. Не мислам дека е среќна личност. Сочувствувам со него“, кажа Алтман.
Алтман рече дека не е загрижен што Маск има нова позиција во Белата куќа на претседателот Доналд Трамп, но призна дека можеби треба да биде.