Во недела во Ехлоец, село на падините на планината Стогово во близина на Кичево, ќе се одржи Echoes in the Wild, настан кој го поврзува филмот, музиката и младинската креативност во едно заедничко искуство на отворено.
Настанот ќе се отвори со филмска проекција во организација на EcoKult и Nightflix, а вечерта ќе продолжи на местото познато како „На камен“, со диџеј сетови на Ива Арифај од Србија и Aco Sound и Дарко Јованоски од Македонија, кои ќе ја донесат енергијата на младата електронска сцена од регионот .
Echoes in the wild е настан чија цел е да создаде нова навика кај младите, каде што уметноста и културните настани ќе бидат гледани како заеднички искуства што можат да се случат насекаде.
„И малите села, и планините, и историските места, и заборавените предели можат да станат простори каде младите ја обликуваат својата креативна сцена. А младите дефинитивно имаат енергија и идеи за тоа да го остварат“, велат организаторите.
Настанот го организира Моntparnasse и е дел од проектот на Western Balkans Youth Cultural Fund, што го спроведува Regional Youth Cooperation Office (RYCO) со поддршка на Германското Министерство за надворешни работи.
Влезот за настанот е бесплатен.
