fbpx

Селмани: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се здружија за да го минираат предлогот на Ванхауте

-

Ниту законот предложен од СДСМ не е прифатлив за Здружението на новинари на Македонија. Според претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги здружија напорите да го минираат предлогот на европскиот посредник Питер Ванхауте, за реформа на медиумскиот систем.

Тој на својот фејсбук-профил напиша дека амандманите на СДСМ и од авион се гледа дека немаат врска со предлозите на посредникот.

„Особено апсурдна е идејата на СДСМ професионалните стандарди и етика да ги регулираат со закон. Казнување на медиумите со глоби за кршење на професионалните стандарди нема во ниту една демократска земја. СДСМ се обиде да ги продаде своите лоши решенија за медиумите преставувајќи ги како решенија на посредникот. Со таквата свесна манипулација, ѝ даде место на медиумската пропагандна машинерија на ВМРО-ДПМНЕ безобразно да го нападне Ванхауте. ЗНМ во случајот беше колатерална штета. Бевме обвинети дека сме ги поддржале предлозите на СДСМ, без да нè прашат за став. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат различни имиња, ама споделуваат иста идеологија – началничка!“, се вели во реакцијата на Селмани.

За денеска ЗНМ во 12 часот закажа прес-конференција за законот за медиуми, која ќе се одржи пред Клубот на пратенци во Скопје.

ВМРО-ДПМНЕ, исто така, вчера го отфрли предлог-законот за медиуми кој СДСМ го предложи на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино. Според Илија Димовски, член на преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, овој закон е противуставен, неевропски и го нема во ниту една држава во светот.

– Со законот на СДСМ се предвидува зголемување на казните за медиумите. Исто така, со него се предвидува МРТВ и Агенцијата за медиуми да бидат составени од членови само на невладини организации. Со предлог-законот на СДСМ се предвидува чудесна балансираност дури и во контактните емисии, па, на пример, ако во нив се јават пет гледачи што ќе го фалат градоначалникот на Град Скопје, во истата емисија мора да се јават и пет гледачи што ќе го нападнат градоначалникот. Овој закон беше одбиен уште пред два месеци од сите здруженија и организации на новинари во Македонија. Ова е „Гаргамел-закон“ – изјави Димовски.

Според него, на 24 февруари ќе се распушти Собранието, а само 20 дена подоцна ќе стапат на сила и одредбите во Изборниот законик, кои ја регулираат сферата на медиумите.

Посредникот во преговорите за регулација на медиумите, Питер Ванхауте, ги повика политичките партии да постигнат што е можно поскоро компромис за регулација на медиумската сфера. Според него, потребен е нов закон за медиуми кој нема да биде копија на законодавството од друга земја.

– Не е добра идејата да се копира од европските земји и да се земаат закони од нив затоа што вие имате различен правен систем, друг устав, друг менталитет. Вашите медиуми не може да се споредуваат со медиумите во другите земји. Затоа, ве молам, обидете се да го искористите она што го имате и да го подобрите тоа – изјави Питер Ванхауте вчера по средбата во Клубот на пратеници.

Инаку, никаков напредок не е постигнат на работните групи на политичките партии кои преговараат за реформи во медиумите. За денеска се очекува нова средба, иако е нејасно како би се постигнал напредок кога најголемите политички партии не попуштаат од своите црвени линии.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...