„Законот е премногу детализиран, до инфантилизирање, до карикатуралност, дотаму да се одредува која програма кога да се емитува. Со него се ограничува слободата на изразувањето и, уште повеќе, ќе се воведе цензура и автоцензура во медиумите“, наведе Катерина Колозова од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје (ИОХН) на денешната презентација на нивниот извештај „Проценка на ефектите на постоечката регулатива за аудио и аудиовизуелни услуги врз уредувачката слобода“.
На прес-конференцијата, во која учествуваше и Насер Селмани, претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Колозова истакна дека одредбите од законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се доказ на феноменот на „заробена држава“, каде преку прекумерна законска регулација ѝ се овозможува на извршната власт прекумерна контрола врз медиумите.
Одговарајќи на новинарско прашање за денешната изјава на министерот Дамјан Манчевски на конференцијата „Е-општество“ на „Метаморфозис“, кој рече дека Владата не смее да биде моторот на реформите во медиумската сфера и за предлог-законот за аудио и аудиовизуелни услуги, претседателот на ЗНМ рече дека на политичарите не смее да им се верува.
– Тоа е добра флоскула, но тие прават спротивно на таквите заложби, затоа што има тенденции што потсетуваат на однесувањето на претходни влади – рече Селмани.
Тој повторно ги изнесе барањата од ЗНМ за укинување на глобите во новиот предлог-закон за изменување на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и побара државата повеќе да не се меша во регулацијата на приватните медиуми, туку да остави нивните содржини да бидат според вкусот на гледачите.
– Во Македонија има прекумерна регулација на приватните радиодифузни медиуми. Државата премногу се меша, а тоа влијае на програмската шема и на содржините, но и на финансиската кондиција на медиумите. Нашата препорака е државата да остави тоа каква програма ќе се емитува да биде одредено од вкусот на гледачите, а не на политичарите – рече Селмани.
Тој, како и Колозова, порача дека новиот владин предлог-закон мора да биде ослободен од глоби, а власта да остави медиумите да се саморегулираат, наместо да им наметнува правила.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.