Извор: ЈП Комунална хигиена-Скопје

Една канта за отпад од 120 литри чини 10 евра. При непостоење на селекција неопходен е само тој сад за одлагање на отпадот, додека ако се врши селекција на отпадот, тогаш се неопходни минимум три различни контејнери во кои граѓаните ќе треба да го фрлаат ѓубрето. Ова значи и набавка на посебни комунални возила за собирање на селектираниот отпад, дополнителен број на вработени, додатен трошок за гориво, амортизација и резервни делови, опрема за механички-биолошки третман на отпадот и слично. Вака накусо општините и јавните комунални претпријатија ги опишуваат причините поради кои во Македонија се врши минимална селекција на отпадот.

Од АДКОМ, Здружението на даватели на комунални услуги во кое членуваат јавните комунални претпријатија од земјава, за „Мета.мк“ објаснуваат дека комплетен систем за собирање, транспорт, селекција и депонирање на отпад (изградба на современа депонија, набавка на нови комунални возила и специјализирани садови за отпад) за секој одделен регион од земјава би чинела по над 30 милиони евра.

„Може да се заклучи дека процесот на селекција на отпадот е скапа работа која бара финансиски средства“, велат од АДКОМ.

Во однос на изворите на финансирање, од ова здружение посочуваат дека средства треба да се бараат во фондовите на ЕУ, каде што позитивни искуства од други земји по примерот на Словенија, покажуваат дека ЕУ може да помогне бидејќи општините сами се немоќни да инвестираат сами во управувањето со отпадот.

Од АДКОМ потсетуваат и дека во некои општини од земјава висината на сметките за одлагање на отпадот за граѓаните и компаниите не се променети повеќе од 15 години.

„ЈП во овие општини зголемиле обем на работа, влегле во инвестирање во нова опрема (возила, садови за отпад, почнале процеси на селекција на отпад)“, велат од АДКОМ.

Тие очекуваат и помош од државата, која би можела да обезбеди дополнителни средства за нови проекти со кои во општините би се зголемил процентот на селектиран отпад. Во делот на кредитните линии, од АДКОМ сметаат дека тие не треба да се заборават, но притоа мора да се мисли и на финансиската исплатливост за подигање кредити за воспоставување на системи на селекција на отпадот.

Од АДКОМ тврдат дека скоро сите општини низ земјава вршат селекција на отпадна хартија и отпадна пластика, а во последниве години се отпочнало и со селекција на отпадно стакло. Но, проблем постои со пласманот на селектираните количини од страна на јавните комунални претпријатија.

Од АДКОМ сметаат дека треба да се направат измени во законската регулатива на земјава, во делот на задолжителната селекција на отпадот. Понатаму, треба да се забрза формирањето на регионалните центри за управување со отпадот и нивното префрлање на регионално ниво, како и забрзување на процесите за отворање на регионалните депонии. Воедно, потребно е и воспоставување на кампања за селекција на отпадот преку сите институции, која што ќе ги вклучи медиумите, социјалните мрежи, невладините организации, државата и локалните институции.

„Мета.мк“ веќе во неколку наврати пишуваше дека статистичките податоци покажуваат разочарувачки мал процент на комунален отпад што е селектиран од граѓаните и компаниите во Македонија. Ова се случува во услови на континуирано зголемување на количеството на комунален отпад што го создаваме како земја во изминативе години.

Од 2014 година до денес, процентот на измешан комунален отпад што се собира низ општините се движи од 83,4 до 89 отсто, коишто пак огромни количества завршуваат на општинските депонии, кои и така со исклучок на скопската „Дрисла“ и неодамна изградената гевгелиска депонија, не ги исполнуваат елементарните услови за депонирање на отпадот.

Идентично како и на национално ниво, бројките за главниот град за 2020 година покажуваат дека само 0,3 отсто од собраниот комунален отпад од ЈКП „Комунална хигиена“-Скопје бил селектиран како хартија, пластика и стакло, кои понатаму завршиле кај компаниите за рециклирање на отпад. Редок позитивен пример во земјава е Општина Прилеп, која со години наназад е првенец во однос на селекцијата на отпадот. Од вкупно 28.000 до 31.000 тони отпад што се создава во текот на една година, Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Прилеп успева да селектира и продаде меѓу 1.200 и 13.000 тони селектирани отпадни материјали.