Селекцијата да не зависи од постојните цени на отпадните материјали, потребен е финансиски одржлив модел

Специјални контејнери за селекција на отпад; Фото: Бојан Блажевски

Процентот на селекција на отпадот во земјава не смее да зависи од моменталните цени на отпадните материјали на пазарот, туку неопходен е финансиски одржлив модел. Ова се однесува на неформалните собирачи на отпад, на јавните комунални претпријатија, но и на сите други субјекти кои се вклучени во делот на примарната и секундарната селекција на отпадот, велат од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“.

Тие посочуваат дека пластиката и другите видови отпад се берзански материјали, чии цени постојано се менуваат, а тоа директно влијае и на рентабилноста на селекцијата на отпадот, особено кај неформалните собирачи на отпадот низ македонските градови. Од анализите и податоците што им се достапни на „Гоу Грин“, може да се заклучи дека 80 отсто од собраниот отпад од пакување во земјава е собран од неформалниот сектор.

„Во моментов неформалните собирачи на отпад најчесто се водени од егзистенцијални причини и со право може да го променат своето делување доколку најдат поисплатлива работа. На пример еден собирач во еден ден може да собере две џамбо вреќи и тоа моментално е 300 денари. Доколку собирачот одлучи да собира отпадни метали, чија цена моментално е највисока во последните 10 години, ќе заработи 3 пати повеќе“, велат за „Мета.мк“ од „Гоу Грин“, објаснувајќи ги постојните проблеми во однос на селекцијата на отпадот во земјава.

Тие сметаат дека мора да се постави организиран систем, во кој првенствено ќе се дефинира улогата на неформалните собирачи на отпад. „Гоу Грин“ успеале да издејствуваат досега да се регистрира ново занимавање во земјава – собирач и постапувач на отпад, да се изготви образовна програма, која била одобрена и првпат спроведена од Центарот за образование на возрасни. Лани обуката успешно ја завршиле 5 неформални собирачи на отпад, од кои двајца се вработиле во социјално претпријатие што се занимава со собирање на отпад, а други двајца аплицирале за грант за самовработување во Агенцијата за вработување.

„За комплетно формализирање на собирачите би било потребно вработување на тие лица, по модел на поразвиените држави, односно нивно вработување во рамките на комуналните претпријатија. Собирачите да го собираат неопасниот претходно селектиран отпад од контејнерите наменети за примарна селекција, а претпријатието комуналниот отпад од контејнерите за комунален отпад. Или пак по пат на јавно приватно партнерство, така што во приватните компании би биле собирачите на селектираниот отпад, а јавните претпријатија повторно да си го подигаат само комуналниот отпад“, појаснуваат од „Гоу Грин“.

Дополнително, управувањето со отпадот мора да постане институционална и граѓанска одговорност, односно мора да се воспостави финансиски одржлив модел, кој ќе им одговара и на јавните комунални претпријатија и на компаниите. Едно од трајните, финансиски одржливи решенија е зголемување на таксата, односно сметките за комунален отпад што ги плаќаат граѓаните. Вториот модел би бил формирање на државен зелен фонд, кој би се полнел со средства од производителите на отпадот, а потоа средствата би им се префрлале на општините или компаниите кои се занимаваат со собирање на отпадот, велат од „Гоу Грин“.

Од начинот на којшто моментално функционира селекцијата на комуналниот отпад во земјава, се жалат сите субјекти. Не само невладините организации и неформалните собирачи на отпад, туку и јавните комунални претпријатија. Од АДКОМ, Здружението на даватели на комунални услуги за „Мета.мк“ рекоа дека над 30 милиони евра се неопходни за секој регион одделно во земјава за да се изградат современите регионални депонии, да се набават нови комунални возила и специјализирани садови за селекција на отпадот. Тие го посочуваат и проблемот на висината на сметките за одлагање на отпадот, кои во некои општини за граѓаните и компаниите не се зголемени повеќе од 15 години. За јавните комунални претпријатија проблем постои и со пласманот на селектираните количини отпад до рециклаторите.

Наспроти нив, рециклаторите се жалат дека нема доволно интерес за селекција на отпадот од самите компании кои се произведувачи на отпадот. Низ разговор со компанијата АКРОН ДОО, која што се занимава со третман на отпадно стакло во земјава, „Мета.мк“ беше информирана дека постојат фирми кои создаваат барем по 100 тона стаклен отпад годишно, а не се вклучени во процесот на селекција на отпадот што го создаваат.